30. Познато, потврдено
Бисера:
„Она што го знаев дома секојдневно ми се потврдува овде, во Монтреал: кога беспрекорно функционираат системите во државата, значи во сите области на животот, политиката не се ни спомнува, а политикантство не значи ништо; тоа всушност не постои. Ние обично симплифицираме, па овој свет обично го нарекуваме развиен и конкурентен бизнисменски, а всушност станува збор за полнота на животот. Наспроти нашето живуркање, во најголема мера токму поради политиката и политикантството.
Зошто не можеме или не сакаме просто да ја пресликаме оваа полнота на живот, од овде во Монтреал кај нас, во Македонија? И тоа познато, повторливо: не можеме или не сакаме, сеедно, затоа што главен збор во политиката кај нас имаат неписмени и полуписмени, провинцијални простачки и примитивни политиканти; а бизнисот не е бизнис, туку прекуноќно богатење кое нема никаква врска со слободниот пазар, конкурентноста, личната способност и креативноста. Тоа не можеше без свесно и детално смислено блокирање и растурање на функционалните системи на државата, а најпрвин без уривање на системот на вредности.
Сум и не сум изненадена од извонредниот прием во малата, а мошне ценета приватна болница односно медицинска клиника во центарот на Монтреал, оддел за гастроентерологија, како и од мојата ќе ја наречам секавична адаптација на новата работa. Има многу вакви, веќе запознав неколку кои имаат разработено и применето совршено функционални системи за давање комплетни здравствени услуги.
Ви пишувам, мили мои, во пладневен час во еден ресторан во Подземниот град, официјално најголемата пешачка зона на светот. За него посебно другпат. Допрва ќе ви пишувам и за Монтреал како културна престолнина на Канада, за Стариот град и старото пристаниште, шесте универзитети и дванаесетте колеџи, историската кула Sun Life, Place des Arts и многу што друго.
Ќе се чуеме утре. Поздрав“.