24. Доволноста
Кусо време пред да се разделат, недела-две, Бисера и Пламен го посетија Горјан Славески, во интелектуалните и книжевните кругови попознат по прекарот Мудрец. Стварно мудрец? За нив да, како и за оние што го следат неговото мислечко и книжевно творештво; кое, што е особено интересно, наспоредно со создавањето тековно и континуирано, значи секидневно го објавува едновремено на своја веб-страница на Интернет и на свој профил на социјална мрежа. Бисера и Пламен беа меѓу ретките со кои тој радо комуницираше, се виѓаваше и минуваше заеднички час-два во некое од скопските кафулиња во центарот на градот. Ни тие, како кој било од другите што го знаеја или само го познаваа, не знаеја каде живее, дали живее сам или има животна сопатничка, семејство, ближни.
Побараа да се сретнат со него за да поразговараат, поточно да го слушнат неговото мислење за доволноста во животот која ги преокупира. Може да се рече и дека ги загрижува како една од главните причини за решението привремено да заминат од татковината, да поработат и заработат во странство. Можеби на исто рамниште со личниот напредок во струките. Вообичаено, закажаа средба во едно од кафулињата во центарот на градот, викано „Бисер“.
Го прашаа директно, без заобиколување:
-Мудрецу, што мислиш за доволноста во животот? Што значи таа? Сметаш дека е зависен од неа? Ако е, во која мера е?
Горјан Славески им возврати со прашање:
-Што мислите вие?
Одговори Пламен:
-Јас мислам дека таа е најнапред релативна и не баш поттикнувачка. Особено во модерно потрошувачко општество. А не би смеела да биде зашто е разурнувачка, дури уништувачка. Меѓутоа, за да се контролира, за да не завладее со нашите животи мораме да ја научиме како таква.
Мудрецот ѝ се обрати на Бисера:
-Ти се согласуваш со Пламен?
Таа:
-Не сосем. Јас мислам дека нејзе лесно може свесно да ѝ се стави граница, да се ограничи за да не биде надвладеана од постојаната недоволност. И мислам дека е посредно и непосредно поврзана со животниот стандард.
Мудрецот молчеше некое време, како да промислува, па со својата позната ведрина во гласот кажа:
-Доволноста е спротивна на потрошувачкото општество. Во голема мера дури го негира. Меѓутоа, не го забавува, а најмалку го запира напредокот на цивилизацијата. Напротив, збор е за токму обратното. Го забрзува, овозможува негов непречен напредок во вистинска смисла. Можеби е поточно да се каже дека го пренасочува кон квалитетот на животот со тоа што му дава смисла и содржина. Го темели на вредностите и го очовечува…Доволноста е различна кај секој човек. Не постои, ниту може да се воспостави некаква општа, но нема многу допирни точки со животниот стандард. Освен ако тој-стандардот ни значи квалитативно континуирано подобрување на секојдневната живеачка…Се надевам дека вашата решеност привремено да заминете во странство, и тоа семејно разделени, не е поради недоволност односно „повисока“ доволност.
Обајцата му одговорија дека, како што му е добро познато, животниот стандард им е висок, а заминуваат, а се разделуваат поради личен напредок во струките. Додавајќи дека состојбите во татковината им стануваат неиздржливи, особено последиците од политизацијата на животот и политикантството.