17. Концентрични кругови
И додека беа заедно во Скопје, млади, вљубени, па во брак и семејно, откога јас ги знам, и сега разделени, далечни, самотни сопатници, таа во Монтреал а тој во Бирмингем, во сегашните речиси секојдневни телефонски, „Viber“-овски контакти, инаку сè уште повеќекратни во текот на денот, па и длабоко во ноќта, разговорите за светот воопшто, за животот воопшто, за нивниот и нивните светови во него, како и за животот заедно и одделно, блискиот и далечниот, најчесто, може да се рече без исклучок им завршувале и им завршуваат со сушноста и симболичкото значење на концентричните кругови; на оние со заедничко, единствено, неповторливо средиште кое му дава смисла на постоењето и опстанувањето. И Бисера и Пламен секогаш го имаат на ум токму нивното средиште.
Тие често ја нагласуваат заедничката надежност и перспектива: светот не е единствен, ниеден свет не е можен сосем самобитен, а сите лични и заеднички светови на луѓето се концентрични кругови кои го продолжуваат неговото траење. Бисера тоа често го споредува со почитувањето и наспоредното напредување на разликите барајќи ги, негувајќи ги и постојано надградувајќи ги сличностите. Пламен, пак, има непоколеблив став дека концентричните кругови на светот и на световите се разликуваат не според нивното растење, кое најчесто сосем погрешно се изедначува со ширење како влијание, надвладување, па постепено бришење односно исчезнување, туку според тоа колку се силни, колку се моќни и колку се прилагодливи нивните средишта. Тоа му е најспоредливо со интеркултуралноста како обединувачка и единствено перспективна, наспроти мултикултуралноста која не само што никогаш не била интегрирачка, туку е „обична небулоза“ и затоа невозможна.
Најзабележливо во нивниот приказ на нивните моментни концентрични кругови, кои заеднички се потрудиле да ги прикажат графички во видео клип на YouTube во траење од четириесет и три секунди, е пулсирањето на нивните средишта. Како срца што зрачат игриво.