-Јас за себе знам кој сум и што сум, па немам ни зошто ни кому да му се докажувам.
-И јас знам за себе.
-Мило ми е.
-Проживеав, доживеав и преживеав многу во животот, создадов многу што ми го потврдува личниот идентитет, знам и што знам и како да научам што не знам. Ништо не ми значи дали некому му значам нешто или сум за него безначаен, маргинален, минорен…
-Така е…А зошто се вознемируваш, се возбудуваш, како да почнуваш да се нервираш?
-Нема врска! Само ми е смачено да повторувам едно исто за мене и моето дело. Апсолутно непорекливо! Јас од никого не барам никакво признание…
-Ништо ново. Кај нас е така од памтивек…Добро, во ова наше време може да се најприсутни лицемерието, омаловажувањето, обезвреднувањето, малициозноста, маргинализацијата, завидливоста, љубомората. Но, против тоа никој ништо не може кога владеат провинцијализмот, примитивизмот, малограѓанштината, медиокритетството, простаклакот…
-Сè е тоа и сè е непремостливо, несовладливо, ненадминливо. Всушност, станува збор за политика и систем на владеење со народот и неговата држава. Кога политичарите и владетелите би имале знаења и критеируми за препознавање на вистинските вредности, а не да наметнуваат стереотипи, лажна уметност, кич, шунд и да манипулираат со моќта на парите и пазарната логика, многу нешта би ни тргнале кон подобро. Би биле пример и за најсилните и најмоќните држави и за најмодерните општества. А кога не се знае ни што е тоа квалитет на животот…
-Се согласувам. И што? Не ни преостанува ништо друго, освен постојано да ја истакнувме својата индивидуална самосвесност, за сопствените вредности како личности и творци. Со упорно, несопирливо, беспрекорно создавање нови дела, дејствителност, жестока борба…
-Повторувам, јас знам кој сум и што сум, па немам ни зошто ни кому да му се докажувам. И ти се знаеш себеси. Толку! Создавањето зависи само од нас, од личниот идентитет и интегритет, од нашата творечка енергија, а дејствителноста, пред сè одбраната на вредностите се подрзбира. Но индивдуална жестока борба…таа е илузија. Залудност. Каква жестока?!
-Се разбира дека мислам на колективна, заедничка борба, на целото општество, на сите нивоа, на сите чинители…
-Мислиш дека може да се поттикнеш или да се организира? Ај те молам, не се занесувај.
-Има друг начин на подигање на нашата колективна самосвесност: докажувајќи ја, афирмирајќи ја во светот и истовремено постојано богатејќи ја. Повеќе да не доживуваме колективен срам поради ненавремено препознавање на наши големи дејци и творци меѓу нас, откако ќе ги препознае и ќе им се воодушеви светот.
-Јас друго мислам! Најпрвин да престанеме самосвесноста да ја поистоветуваме со нескромност, претенциозност, самофалба…И најпрвин да научиме совреме да ги препознаваме вредностите и големите луѓе меѓу нас.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 38




