Раскажувач

Дребнавости на дребнав човек

Го познаваат, го препознаваат во луѓе. Едни го слушаат со внимание, други не го дослушуваат. Најчесто седи на клупа под старо дрво пред дрвено мовче во паркот и зборува гласно. Како да е сам на светот. Обично во претпладневен час.

На шетачите пред него неретко им дофрлува замислено и ведро:

-Јас сум раскажувач. Нема ништо на светов за што не можам да ви раскажувам. Ако ме послушате, сигурно ќе се согласите дека раскажувам интересно, па и поучно.

Необичен старец. Со набрчкано и испиено лице, светнати сини очи, очила на носот. Во ветва волнена облека.

Во овој претпладневен час на клупата до него седнува средовечен маж и му се обраќа:

-Ве гледам и Ве слушам со денови, па решив да Ве прашам: дали она за што раскажувате сте го доживеале, сте го прежиеале или, пак, измислувате?

Раскажувачот како да очекуваше да биде прашан токму тоа:

-Во благодарам на прашањето. Долго чекам некој да ме праша токму тоа. Ви одговарам: секој раскажувач раскажува и доживеано и преживеано и измислено. Истовремено. Всушност, она за што раскажувам е секогаш помеѓу стварен и заумен свет, постоечко и непостоечко, случено, што може допрва да се случи и што е измислица. Инаку, никому не би му било интересно. И мене не би ми било. Ниту би имало некаква смисла.

Прочитај и за ... >>  Лична слобода

Средовечниот маж станува и го допрашува пред да си ја продолжи прошетката во паркот:

-Простете, но Вашето раскажување мене воопшто не ми е интересно. Токму затоа.

Раскажувачот замолче, молчеше замислен некое време, па продолжи да раскажува гласно.

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 6

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.