ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

40. Простум бессонен

Издржувам, издржувам
простум
веќе не знам колку
деноноќија; обѕидан,
без никој ближен
во овој дребнав свет
од задушени говори
меѓу незнајни,
меѓу неизвесни,
меѓу злокобни
собитија.

Одамна не домислувам
уште колку века вака,
чекајќи искра или жар,
може и секавица
да ми помага
да ги разурнам до темел
ѕидиштава за до заборав
што ме обѕидале.

Издржувам, издржувам
простум
самотен и стамен сејач.

А слушам, а препознавам
тажаленки и немости
на снеможен народ
и заледен крик на мајка
со мртво новороденче
на голи скрвавени гради.

Leave the first comment