39. Единствен
Си единствен громогласен
помеѓу неживотворни сенки
оставени од нивни луѓе
да самеат.
Дека никој не може
ни да те чуе ни да те разбере.
Си единствен замислен
пред непрегледна пустелија
со смрт на секој чекор
што го прават заскитани
во неа.
Дека никој нема да ја дооди
гол и жеден за сегашнина.
Си единствен доблесен
на раб од самрачна тишина
додека се буди потомство
кое нема да стравува
за својот опстој вековит.
Дека корените ти се
толку длабоки и знајни
што не може никој
ниту да ги откорне,
ниту да ги пеплоса,
ниту да ги запре
да се разнесат.