ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

36. На млади години

На мои млади години
сум летал од изгрев до залез
на сонце и на месечина,
сум бил кога ќе сум посакал
на виделина или во мрачнина,
помеѓу ѕвезди,
помеѓу две сончевини.

На мои млади години
сум скокал од брег на брег
на надојдена или пресушена
река,
сум искачувал недоброј
планини до врвови
земајќи здив во нивни
подножја
или во клисури помеѓу нив.

На мои млади години
на сѐ гледав
што минува крај мене
со отворени очи
и сѐ слушав
со начулени уши
што сознава човек
во зборови, во тишини
на своја врвица.

Мене, човек што сознава
во зборови, во тишини
на своја врвица
сечии, секакви животни
приклученија,
низ плодни предели,
беспатја и пустоти,
лични и колективни
идентитети,
секавични и бескрајни
бидки
со знајни и незнајни
војски,

на овие години
уште
корените и срцевината
ми останаа во надевање
дека ќе го издржат
невремево,
и некој ден и некоја ноќ
откако ќе мине,
заедно со сите околни
дрвја вековити.

Leave the first comment