Премолчено

-Многу си кажавме еден на друг, многу си кажуваме, но од мене, а верувам и од тебе е многу што премолчено. Се сомневам дека е нужно, исто како што се сомневам поради небрежност или дека имавме малку заедничко време.

-Можеби треба да остане премолчено. Заедничкото време ни е сопрено многу години. Јас очекував да кажеш нешто или барем да прашаш за нешто. Дури да се прашаш, а јас да пробам да ти одговорам.

-На пример?

-Што знам…Јас знам што е од мене премолчено, а ако ме прашаше за нешто можеби ќе откриев. На пример…На пример дали нешто било меѓу нас што останало неостварено, неисполнето…изневерено…

-Дали?

-Ќе ти одговорам ако се сретнеме пак. Мислам нема да се случи, но можеби…

-И сега премолчуваш во недореченото. Зошто можеби? Што нè спречува, што може да нè спречи да бидеме пак заедно некое време?

-Тоа според тебе е сигурно? Несомнено?

-Не премолчувај! Тебе може да те спречи нешто?

-А тебе не може ништо?!

-Просто е. Ние немаме никаква заедничка иднина. Не е тоа моја помирливост, туку реална согледба. Одамна сме далеку еден од друг.

-Што е со твојата љубов?

-А што е со твојата?

-Доволно е дека сознавме многу наши надминати големи и мали премрежиња. Исто дека во меѓувреме не сме се заборавиле.

-Многу е премолчено од нас за нас.

-Премногу.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 35

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.