Постојаност и втор живот

Потребно време за читање: 2 минути

Сенко Виделиноски има што да каже за постојаноста, а имајќи ги предвид пред сè неговите години и неговото лично искуство. Ретко му идат роднини и пријатели на кои радо им кажува или подробно им раскажува. Затоа што не сака да им биде здодевен.

За постојаноста и нејзината поврзаност со неговиот живот, причинско-последични со годините и личното искуство, Сенко Виделиноски зборува кусо, во два-три збора или долго. Секогаш имајќи го предвид трпението на соговорникот односно слушачот.

Во два-три збора:

-Се разбира дека не случајно си направив живеалиште покрај изворов на бистра вода, на крајов од населеново место и на рабов на густава дабова шума. Најпрвин зашто почнав втор живот, фала му на Господа, а потоа поради постојаноста на моето постоење. Сигурен сум дека ќе го разберете тоа ако останете ден-два со мене, ако споделите со мене макар ден и ноќ. Најпрвин дека секој човек во животот одживува два, три и повеќе од три животи, а потоа постојаноста на постоењето да ја прифатите како докажување на неговата личност.

Прочитај и за ... >>  Со гениј во бедна смрт

Најкусо долго и најконкретно:

-Го заживеав и го живеам мојот втор живот овде, откако ненадејно ми заврши првиот. Да, точна ви е претпоставката дека дојдов до почетокот на смртта.

Имав сообраќајна незгода и бев во таканаречената клиничка смрт цели пет месеци. Не е за верување, но во таа состојба јас постојано бев со мои одамна и од неодамна мртви претци. Живеев со нив. Истовремено со исчекување ги следев сите обиди на лекарите да ме вратат во живот. Како продолжение на мојот прв и потврда на мојата постојаност на постоењето.

Да, точен ви е заклучокот дека се вратив во овој свет, го почнав мојов втор живот едно рано утро, но со јасно слушната порака од Господа: морам коренито да го променам начинот и ритамот на мојот опстанок. Особено спротивставувајќи се на брзаницата на животот, а бранејќи ги спокојот и ведрината на духот.

Седнете до мене крај изворов на бистра вода и послушајте го неговиот жубор. Тој е постојан, неменлив, ту посилен ту послаб од еден до друг камен или корен. Исто како животот. Прв, втор или трет. Најважно од сè поврзано со него се неговото постојано течение и бавното, едвај согледливо длабење и ширење на неговото корито. Прудолу, по работ на густава дабова шума.

Прочитај и за ... >>  Неколку збора

Можеби ќе посакате, јас сум сигурен дека ќе посакате да поживееме некое време заедно.

Сенко Виделиноски го живее својот втор живот.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 46