5. Живи брегови
Кој ја знае реката, бил со неа и крај неа некое време, знае дека таа има живи брегови. Според кои се изделува од другите блиски и далечни, поради кои е посебна. Живи брегови се зашто се навистина живи, но пред сè затоа што поради нив и таа е сè уште жива. А е сè уште затоа што во сите четири годишни доба, особено на пролет и во лето тече различно; некаде забрзано и пенливо, некаде како да стои, а некаде полево или подесно.
Необични се живите брегови на реката на која пред многу години луѓето успеаја да ѝ ги сменат смислата и содржината на течението. Имено, пред многу години таа како да не беше дел од нивниот секидневен живот. Како да му припаѓаше на некој друг свет. Особено со својата постојаност, неменливост и предвидливост. Што, пак, од друга страна правеше нејзините живи брегови да не се ни забележува дека се живи.
Што направија луѓето? Прво ѝ го продлабочија коритото, да можат да пловат со чамци во неа, потоа почнаа во неа да прават дрвени куќички за одмор и сплавови за забави, за најнакрај со големи карпи и брани да ѝ ги одредат местата каде може и треба да тече брзо и пенливо, а каде да биде мирна како да стои.
Живите брегови на реката му се докажуваат на секој што ја знае, бил со неа и крај неа некое време, особено на пролет и во лето. Кога во неа се влеваат потоци кои ту ги заматуваат, ту ги разбиструваат нејзините води, а згора на сè ја прават безживотна. Тие живеат како штотуку родени.