Многу се изненади Теодор Вишен кога го поканија во Институтот за филозофија и на студентите да им одржи предавање за победата и поразот. Прво затоа што тој самиот не се смета себеси за философ, туку за мислечка и творечка личност, а второ досега никогаш не бил во улога на предавач на знаење. Има и трето, за него не, но за многумина можеби најважно: скудни се неговите знаења за конкретната тема. Сепак прифати.
Им се обрати:
-Почитувани студенти, сигурен сум дека ви е позната суштината на философијата на победата и поразот. Имено, во однос на личноста таа е насочена на нејзината трансформација и подготвеноста за соочување со животните предизвици.
Во оваа пригода како некаков мој вовед само ќе ве потсетам на главните аспекти:
-победата не е победа на друг, туку внатрешна слобода односно чин на самонадминување;
-треба да се нагласи дека во животот неретко победата зависи од подготвеноста, способноста и истрајноста, особено кога е во корелација со долготрајност;
-секогаш треба да се има предвид парадоксот на победата; дека со постигнување на целта таа може да значи крај или пораз;
-поразот е секогаш дел од растежот и развојот на карактерот на личноста, а се претвора во дефетизам односно кога ќе се прифати како конечна состојба.
Од кожената торба ја изваде тетратката „Жива мисла или Сите умираат, освен јас“, сврте неколку лисја, речиси до половината, па продолжи:
-Сакам да ве поттикнам на лично промислување за суштината на победата и поразот. Ќе ви прочитам неколу мои афоризми и други јадровизми. Претпоставувам дека знаете колку во ова наше динамично време е променето изазувањето на целосно оформени философски учења, концепти, школи. И оти тоа во најголема мера се сведува на сентенции, согледби, стојалишта, умности и премудрости.
Чита бавно, како да сака на студентите да им овозможи да запишат или да запомнат што повеќе:
Победата е секогаш успех кога е дел од твојот живот.
Ќе го победиш непријателот кога ќе ја надминеш причината за неговото непријателство.
Биди силен помагајќи му на слабиот да ја оствари својата праведна цел.
Поблиску си до победа кога си помагаш на самиот себе.
Победуваш при сè совреме.
Внимателен и решителен-предуслов за конечна победа.
Тактика за борба, стратегија за победа.
Не си успеал да победиш, но тоа не значи дека си поразен.
Ако се бориш, ќе успееш.
Си победил најпрвин откривајќи дека нема да успееш.
Најтежок пораз е оној што се доживува на чекор пред победа.
Се откажуваш од борба по многу добиени битки?!
Дури се бориш, има шанса да победиш.
Истрајноста ги надминува сите борби до конечна победа.
Најголема доблест е од непријател да создадеш пријател.
Во борба не се свртувај назад. Или стој цврсто во место или грабај напред.
Во секоја борба внимавај на подлеците, кодошите и предавниците. Тие се поголеми непријатели од непријателот.
Не се бориш за победа против пријател. Се бориш да поразиш непријател.
Најголема победа во животот е здравјето.
За побдеда најмногу ѝ должиш на упорноста.
Доследен докрај. До победа.
И победата и поразот еднакво најмногу зависат од знаењето и информираноста.
Секогаш да бидеш подготвен и за победа и за пораз.
Победникот го насочува и менува колку својот, толку животот на поразениот.
Нема пораз за права и праведна работа.
Поголеми победи во мир, одошто во војна.
Кон големи цели со големи победи.
Примирјето е секогаш помеѓу победа и пораз.
До победа и кога напаѓаш и кога браниш и кога се браниш. И кога паѓаш и кога се креваш.
Јунаштвото е за слава и пример.
Победа за слобода, пораз за страдање.
Секоја победа на злото е со далекусежни болни последици.
Човек се воздигнува по победа, а се понижува по пораз.
Едни не успеваат од невнимание, други успеваат благодарение на посветеноста.
Победа по секоја цена- до смрт на последен борец.
И победата и поразот се исполнети со успеси и неуспеси.
Оној што разликува заблуда од вистина, знае како поразот да го претвори во победа.
Нечесните ги победуваат чесните со измами, лаги и пакости.
Секоја победа со измама се открива кога-тогаш. И се казнува.
Да се победиш себеси е најголема победа.
Победи затоа што грешеше помалку од поразениот.
Најдобри сојузници во борба се сојузници и во победи и во порази.
Секоја вредност во себе содржи и победи и порази на нејзиниот создавач.
Не ги заборавај оние што ти помогнале да се искачиш на врв. Ќе бидат со тебе кога ќе слегуваш од него и ќе почнеш да искачуваш друг.
Биди ист и по победи и по порази.
За секој пораз најмалку обвинувај други.
Умноста никогаш не ги смета за конечни победата и поразот.
Секогаш умност, а не сила за победа. Неретко силата и за пораз.
Ако чекаш победа, ќе дочекаш пораз.
Пепел се сторивте горејќи залудно.
Во јарем обезличени ѕевгари.
Нема поголем пораз од славење пораз.
По пораз нова борба за победа.
Никој не ги знае ни почетоците ни краиштата на победите и поразите.
Нема конечна победа над друг.
Каква е таа победа со грдотии, убиства и секакви зла за власт?
Следува пораз по освојувачка победа.
Победа над други во најголема мера е насилие.
Мршојадци навалуваат на мртви на бојното поле.
На сет глас викаат „Најпрвин победете се себеси“, но нема кој да ги слушне.
Човекот мора без престан да се бори сè додека не го порази најмалото зло.
Секоја твоја победа и победа во тебе.
Не бори се против нејак и немоќен. Бори се против рамносилен и рамноправен.
Не како до нов успех, додека не го зацврстиш постигнатиот.
Човек цел живот победува, се победува, поразува и се поразува самиот.
Нема човек кој не сака да победува. Прашањето е дали си подготвен да го сакаш тоа без никаква задршка.
Победник си како прв. Веќе како втор не си.
При победа не се бројат поразите, а при пораз не можеш ни да замислиш победа.
Многу е важно да не се срамиш оти си победил.
Со подлост до победа? До горчлива.
Колку повеќе со тебе, толку поголема победа.
Не можеш да победиш самосвесни и кои споделуваат вредности.
По многу порази разум победува.
Победа со многу мртви е победа на смртта.
Можеш ли да избереш меѓу прескапа победа и евтин пораз?
Има многу исто и заедничко во пораз и победа.
Ти судат за победа, судиш по пораз.
Нема славна смрт. Има славна борба пред неа.
Нема победа и пораз меѓу еднакви.
Поразите учат и подучуваат.
Најтежок е поразот од страв.
Во борба никој не мисли на пораз, туку на победа.
Победи зашто си веруваш на себеси.
На патот до успехот многу пречку за неуспех.
Прво научи да паѓаш и да стануваш, па после почни своја борба.
Не се споделува лична победа.
Победува оној што научил од своите порази.
Храбриот не признава порази. Ги прифаќа како пречки за надминување на патот до победа.
Ја склопи тетратката и со блага насмевка им рече на студентите кои го слушаа концентрирано:
-Ако ме слушавте внимателно, сигурно забележавте дека понекогаш ги изедначувам победата и поразот со успехот и неуспехот. Се согласувам со оние од вас кои инсистираат на дистинкција меѓу нив. До следниот пат ќе промисувам и ќе напишам домисли и проблесоци во мислата за личните и заедничките успеси и неуспеси. Во меѓувреме би можеле и вие да промислите, па следниот пат ќе поразговараме за победата и поразот наспоредни и едновремени со успехот и неуспехот.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 55






