Си направил политикант партиски кокошарник. Не толку оти многу сака да јаде јајца, колку дека во последно време е многу актуелен трендот на отворање партиски кокошарници. Би можело да се рече дека го направил пред сè поради јајца метафорички, односно идеолошки. Имено, како што е познато, на политикантите никогаш не им се доволни јајца, особено во решавачки и решителни предизборни моменти, а најособено во рамките на предизборна кампања. Никогаш не им се доволни како храброст, во смисла да имаш јајца во такви моменти, но и да имаш при рака јајца со кои директно ќе им се спротивставиш на противниците-политикантските неистомисленици.
Било како било, еден политикант си направил партиски кокошарник во непосредна близина на партиско буниште и сместил во него кокошки несилки и млади петли, и тоа во полна снага за редовна, секојдневна јајценосна партиска активност. Потоа, како лидер, ставен на чело на политикантска партија, се искачил на партиското буниште и им се обратил:
-Кокошки мои мили и драги, ја знаете вашата главна партиска задача. А и споредните не ви се непознати. Треба да им бидете на располагање на петлите штом тие ќе закукуригаат и да несите јајца за потребите на нашата партија. Мое е да ги хранам вашите партиски политикантски амбиции и како ваш лидер да ве водам кон освојување на власта.
Им се обратил и на петлите:
-Петли мои мили и драги, знам дека и вие ја знаете вашата главна партиска задача. Во рани зори да се качите на буништево, да закукуригате, а кога со кукуригањето ќе ги разбудите кокошките да им се докажете како прави петли и да ги вардите од натрапници, поготово од лисици.
Се искачил на буништето еден прилично наперчен петел и со прекорен глас му забележал на политикантот:
-А дали ја знаеш ти својата главна партиска политикантска задача како наш лидер? Зарем кокошарников го направи само за производство на јајца? Што е со политикантската идеологија на нашата партија? Да не ни наметнуваш некаква јајцева или јајцевидна? И петливе и кокошкиве несилки добро знаат што е тоа политикантство, но не знаеме за партија без идеологија.
Политикантот му возвратил:
-Што ме мислиш ти мене? Без намера и цел го направив партискиов кокошарник и ве собрав вас во него? Се разбира, мене како политикант не ми е својствено да дефинирам, развивам и ширам партиско-политичка идеологија, но белки ви е добро познато дека секој политикант ги менува политичките бои според трендот на развојот на домашната и меѓународната политика на власта. Моја грижа се јајцата, а вие, петли и кокошки, значи не јас, кукуригајќи и несејќи јајца ќе водите соодветна партиска политика. Се разбира, пред сè соодветна на големината и квалитетот на јајцата.
Петелот прашал збунето:
-Каква ќе ни е партијава со лидер политикант, а не политичар? Јас како политички, па и политикантски петел не сум ни видел ни чул за такво нешто.
Политикантот му одговорил со повишен и строг глас:
-Ти да не се секираш за тоа. Веќе научив како треба да води партија еден лидер-политикантски политичар. Дека најпрвин треба кокошарникот да го направи функционален и ефикасен, а потоа да се концентрира на партиското буниште.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 25