Парите се пари

Жива мисла

Теодор Вишен им кажува свое гледиште за парите на неколкумина млади и стари во Градскиот парк, седнати на две клупи едни спроти други. Вишен стои меѓу нив, одвреме-навреме прави два-три чекори зад едните, па зад другите:

-Нема којзнае што да мислиме за парите. Парите се само пари и ништо друго. Биле тоа, се и ќе бидат додека конечно размената на секакви добра и услуги не почне да се врши без пари. Како во дамнешни времиња, кога парите уште не биле измислени. Мислам дека тоа време брзо ќе ни дојде, можам дури да се согласам дека е дојдено и од ден на ден нè освојува сè повеќе, но засега без нив не можеме. Можеме со помалку, да немаме колку што ни треба, може да имаме повеќе отколку што ни треба, а најлошо е да сме без скршена пара. Тоа е несомнено, особено ако имаме предвид дека живееме во потрошувачко општество во кое имашноста никогаш не е доволна, а раслојувањето меѓу богатите и сиромасите е сè подлабоко.

Парите се пари…Сакам да ви раскажам во два-три збора за една случка која ми се случи ненавестено. Сакам зашто чинам дека може да ви послужи како ука и поука, како да не станете заробеници на парите. Во неа е и моето гледиште за парите.

Вишен за момент застанува, се замислува, па одмавнува со десната рака како да се откажува. Ги загледува младите и старите, па продолжува:

-Ми се случи да се најдам пред стар питач на улица. Обраснат со коса и брада, во валкана и испокината облека. Седнат крснозе, со голи нозе, покриен со излитено ќебе.

Ми се случи да немам ни скршена пара в џеб, а веќе ми влезе во навика минувајќи крај питач да му оставам некоја ситнина.

Застанав пред него и не знаев што да правам. Не сакав да го одминам. Тој како да ја забележа мојата непријатност, па ми рече со рапав глас:

-Те познавам. Немај гајле. Јас и утре ќе бидам на истово место. Имам за до утре.

Се поздравивме со насмевки на лицата.

Утредента помислив да пробам да го откажам од питачењето. Извадив од паричникот неколку банкноти, му ги дадов и го прашав:

-До кога мислиш да питачиш? Не мислиш да преземеш нешто за себе, да се снајдеш некако, да се вработиш, да заработуваш барем за скромна живеачка? Стар си…

Ми го пресече зборот со широка насмевка:

-Прво не е сè во парите, а второ тие се секогаш за нешто. Мене ми требаат за да купам што ми треба. Се случува да присоберам и за други како мене…Друго ќе беше да имав ближни. Можеби не ќе бев питач цел живот…Велиш стар сум за питачење? Да, точно, но навикнав да сум цел ден замешан во луѓе…Уште има луѓе.

Прочитај и за ... >>  Едности IV, 226-230

Молкот меѓу старите и младите во Градскиот парк, седнати едни спроти други на две клупи, и на Теодор Вишен траеше долго. Можеби пет-шест минути. Потоа Вишен од торбата ја извади дебелата тетратка со наслов на корицата „Жива мисла“. Пред да им ги прочита своите мисли за парите, ги праша не чекајќи да му одговорат:

-Беше ли стариот питач обичен сам човек за во луѓе?

Во „Жива мисла“:

Не мислам дека парите се семоќни. На пример, им можат ли нешто на чесноста и личното достоинство?

Ти одиш напред без пари затоа што патот е твој.

Нема толку многу пари за да ги отклучуваат сите врати. 

Со пари си силен, без пари немоќен.

Се фали снаодлив богаташ:
Јас не ги сакам парите, а тие ме сакаат мене.

Познавам богат дух без пари.

Невозможна е еднаквост на луѓе со многу пари и луѓе без пари.

Парите вредат кога ги немаме, а ни се неопходни.

Крадат пари од народот и владеат со нив против нив.

Парите немаат врска со среќата, но среќните се уште посреќни кога ги имаат.

Мудроста со пари не се купува, но таа пари не прави.

Пари само од работа, а не работа само за пари.

Нема пари со кои може да се купат слобода и независност.

Кој со труд и мака заработува пари, знае и да ги чува и да ги троши.

Може, но и не мора да се во врска парите, талентот и делото.

Не троши пари за ништо.

Троши туѓи пари, а своите ги крие.

Пари на заем и тешко и нерадо се враќаат.

Не се живее без пари ни за леб и сол.

Животот најмногу зависи од колку што имаш пари.

Со пари можеш многу, ама и без пари.

За никаде е оној што им слугува на парите.

Со пари многу, но никогаш не сè.

За жал, среќата најчесто ја конкретизираме со пари.

Си им се предал на парите, па тие те продаваат кому ќе стигнат.

Се чувствуваш безвреден без пари или стварно си.

Беден е оној за кого парите се безвредни.

Се лажеш дека со пари ќе можеш да ја надвладееш празнотијата во тебе.

Прочитај и за ... >>  Бидува, 21-30

Парите те прават посилен, помоќен и повлијателен од оние што имаат помалку пари од тебе.

Здравје и убавина со пари за пари.

Не би требало, но е несомнено дека во животот нема ништо поважно од да имаш пари повеќе отколку што ти требаат.

Чесно заработени пари се оние со кои ниту се потценети, ниту се преценети трудот, знаењето и искуството.

Ако си страден за пари, брзо ќе се разболиш од глад и жед по нив, може лесно да ти се случи да се посрамотиш, а секако ќе те следи грдотијата на животот.

Имањето не е само пари. Има во него многу нешта што се друго и без нив.

Со пари потплатуваш, поткупуваш, уценуваш, условуваш и правиш свои слуги. 

Победата со пари трае најкратко.

Огин му ги изгоре украдените пари.

Не се секираш за изгубени пари кои не биле твои.

Слуга за пари, слуга на пари.

Коленичењето, лакташењето и кодошењето најмногу се исплаќаат во партократијата.

Пари за власт, власт со пари.

Со пари купуваш, за пари продаваш. Тоа те прави многу среќен.

Трошиш пари за подарок на близок, надевајќи се дека со него ќе го усреќиш и ќе ти стане уште поблизок.

Си стекнал многу пари со труд и мака? Не е за верување.

Има луѓе кои ги кријат парите и од себеси.

Штом си среќен оти имаш малку пари, никогаш ќе немаш многу.

Времето е пари, а со пари се купува време.

Не се расфрлај со пари, ако сакаш да ги имаш во вистинско време.

Не биди шкрт човек. Троши пари на убави и вредни нешта во животот.

Даваш пари за да побараш кога ќе ти бидат неопходни.

Подаруваш или позајмуваш пари од интерес.

Парите бегаат од тебе затоа што не ги заслужуваш.

Никогаш доста пари за оној што не знае како е без пари.

Чесно заработените пари никогаш не се многу.

Се нашле на полпат човек со пари и човек без скршена пара, па продолжиле среќни и весели дека патот пред нив им е заеднички.

Многу пари и малку пари може да се потрошат истовремено.

Ако сè има цена, највредно е она дело што се купува со најмногу пари.

Парите во животот секогаш многу повеќе одмагаат, отколку што помагаат.

Нема ништо повредно од парите за оној што не знае колку вреди љубовта.

Пари секогаш малку за преживување.

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 44

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.