Најнапред поимното разграничување на политичката позиција и опозиција:
Позиција-Власт
Политичката позиција најчесто се изедначува со власт, конкретно со политичка партија или политички партии во сите или во некој сегмент на власт-владеењето. Власта-владеењето, пак, и директно и индиректно се поврзува со избрани-на избори изгласани компетентни-соодветни луѓе кои спроведуваат конкретизирана политичка идеологија, стратегија и политика на општествен и економски развој. Всушност, станува збор за остварување на лични и групни интереси со разработена технологија на владеење.
Опозиција (спротивставување)
Неа ја сочинуваат поединци, групи и организации кои од политички или идеолошки причини се спротивставуваат на оние што претставуваат власт. Степенот на спротивставување зависи од политичките услови.
Во демократските системи власта ја создава и ја поддржува опозицијата како коректор на свооите постапки и идеи, а во недемократските таа е опасност, па е контролирана и се одржува привидно за да се стекне впечаток на демократија. Притоа, власта постојано ја користи и ја фингира за свои цели. Дотолку повеќе, таа во опозицијата инсталира свои личности и одвреме-навреме исценира „употребливи ситуации“.
Нужно е да се нагласи дека по дифолт позицијата со системот на владеење настојува да остане тоа што подолго, а опозицијата има желба, дури единствена цел да стане позиција. Следствено, позицијата односно власта има моќ и влијание, па ни на крајот од умот не ѝ паѓа да отстапи, да ѝ „дозволи“ на опозицијата да ја смени. Најпрвин затоа што би ги изгубила богатството и привилегиите.
Некои учени со право потенцираат дека во основата на лошото функционирање на власта и опозицијата е користољубието, кое заедно со властољубието претставува најголем проблем на народот и државата.
Мое укажување на суштествено антидемократско во демократијата:
Недозволиво е учесници во Парламент (законодавна власт изгласана и платена од народот) да се „третираат“ себеси како опозиција на Владата (исто така изгласана и платена од народот) и да дејствуваат опозиционо-со цел соборување на Владата.
Опозицијата по дифолт е надвор од власта, а тоа конкретно значи дека е таа нужно вонпарламентарна!
Следствено, недозволиво е учесници во власта (законодавната) да дејствуваат опозиционо.
Овој проблем се „ублажува“ со поделба на опозицијата на парламентарна и вонпарламентарна. Меѓутоа, таа не ја надминува укажанава суштественост. Напротив, токму таа поделба „своевремено“ ја воспоставила позицијата односно власта, а за лицемерна „одбрана“ на демократијата.
Имено, токму Парламентот (законодавната власт), составен од пратеници (претставници на народот) „на власт“ и „парламентарни опозиционери“, ја потврдува небулозата: сите учествуваат во донесувањето-изгласувањето закони, што значи дека сите се одговорни за нив и при нивното спроведување!
Дали се залагам за укинување на „опозиција на власт“? Да! Пред сè за да се надмине лицемерието на демократијата.
За да го „олеснам“ согласувањето или несогласувањето со моево укажување на суштественово недемократско во демократијата, посочувам на засега единственото „смислено“ најдемократско ни позиционо ни опозиционо дејствување: референдумско изјаснување на народот односно граѓаните. Без поделба на состојбите, прашањата и проблемите на важни и маргинални.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 106