ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија 28

Потребно време за читање: < 1 минута

28. Докрај

Оди докрај уверувајќи се
оти ќе стаса
до свое огниште
оставено во некое време
што му било и самотно
и студно и мрачно и виорно
уверувајќи се оти сигурно
уште дише уште
докрај ќе издржи без оган
додека тој оди
докрај во бескрајно беспаќе
може до обессилување
го памети своето огниште
со оган што не гасне докрај
во игра бессона замислена
како растење на секое семе
изникнато за продолжение
на постоење на свет кој
оди докрај кон крај
сончев месечев и ѕвезден
за по него да остане трага
неизбришлива
во паметење живожарно
дејствително неповторливо
како непокор како стојност
како достојност
која крај огништето негово
ќе постои во секој
што кога било и каде било
се вкоренил
никој да не може да го сопре
дури му е светол патот   
открај-докрај.