27. Сонувајќи
Се собрале коњи за јавање
и деца за играње на ветар
јавајќи го
коњите слободни голи
децата слободни голи
сонувајќи
дека ништо не може
да ги сопре или фрли
наземи
дури не го досонат сонот
без крај со почеток дамна
крај домашно огниште
децата собрани за играње
ги јавнуваат коњите
и ветрот
како да се родени на јаве
решени да го приберат
во своите срца светот
во кој ќе се докажат
до небо извишени
радосно им е јавањето
и на коњите и на децата
сонувајќи
родени на јаве
оти ту му се доближуваат
ту му се оддалечуваат
на надојдено невреме
од некое годишно доба
без изгрев и залез на сонце
решени да дојаваат совреме
пред будење под земја
на земја и над земја.