Вардење

Долго, ма предолго се вардиме дење
од сон ноќе во кој јас и ти никогаш
не сме биле заедно како два живота
недоживеани еден во друг
залудно се криеме залудно бегаме
во наш свет ем стварен ем заумен
ту толку далечни што да не можеме
да се познаваме кои бевме кои сме
ту толку блиски како едно тело
бестелесно
па еден длабок воздив од преумора
како последен смртен
или штотуку роден за заживување
за растење зреење и плодење
се вардиме дење
заедно со своите сенки
во слободен ôд во слободен лет
во слободна мисла и слободно дело
дури не нè совлада сон ноќе
во кој јас и ти секогаш ќе бидеме
скаменети без време без надеж
дека некогаш луѓе незнајни
ќе нè откријат и ќе поиграат игра
на тело и дух во рамновесие
меѓу ѕвезди на небо молскотно
неименувани а стамени а доблесни
со тишини меѓу нив кои говорат
јазик разбирлив само на сонувачи
на соништа меѓу собитија
од војни до мир
сосе отворени рани на воини
одамна мртви.

Прочитај и за ... >>  Буден во незнајна доба

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 4

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.