Реши да изгради свој дом врз темелот на родниот и на неговите најблиски предци. Се разбира, претходно ги провери, си докажа на себеси дека е цврст, направен за да трае долго, со години да носи ѕидини на тврдина на која никакви невремиња не ќе ѝ можат ништо. Дури мораше да го ослободи од една урнатина, остаток од источен ѕид изѕидан со изделкани камења, греди, железо и глина.
Му беше мило ем драго кога на ридот, извишен на западната страна на градот, ја забележа насобраната толпа од испоседнати деца, млади, возрасни и стари мажи и жени. За да го гледа и да го следи додека гради. Којзнае, можеби со време некои во снага и опитни ќе станат и ќе му се придружат, да му помагаат колку што можат и како што умеат.
Само што почна во центарот на темелот да реди камен на камен, поврзани со парчиња железо и глина, од толпата се издели еден меѓу најстарите; гологлав, со густа, долга бела брада и големи бели мустаци. Дојде до него и го праша зачудено:
-Што правиш?! Кој те учел така да почнуваш да градиш свој дом? За да биде и тврдина, првин треба да креваш ѕидови…
Го пресече во збор:
-Никој не ме учел, предводнику наш. Сам сум научил градејќи домови на други на сите страни на светов. Првин се прави оџак, и тоа во центарот заради огништето, за огнот во него и за топлиот дим низ него…За живот во топол дом…Знам дека го знаеш она: кај што има дим има и оган. Поготово во студно време. А јас велам: и кога не му е време да дими, оџакот кажува дека домот можеби замрел, но кога-тогаш секако пак ќе заживее.
На старецот му се насолзија очите, го гушна, па се врати во толпата.
Он неуморно молчешкум продолжи да го крева оџакот.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 16




