-Има за гледање, слушање и воспримање одблизу, а има и за оддалеку.
-Секако дека има. За некои за одблизу повеќе, за оддалеку помалку, а за некои за одблизу помалку, за оддалеку повеќе. За тебе?
-За мене повеќе за одблизу и затоа најчесто се воздржувам дури е за оддалеку.
-Што сакаш да кажеш со одблизу и оддалеку?
-Сакам да кажам дека како за секој човек, така и за гледањето, слушањето и воспримањето се суштествени колку за самостојноста, исто толку, ако не и повеќе за обусловеноста од светот што нè опкружува. Тоа треба еднакво да се однесува на мене, на тебе и на нас.
-Ај доста! Знам дека не сакаш да го кажеш тоа. Сакаш јас да ти кажам што сакаш? Ти сакаш да кажеш дека гледаш, слушаш и воспримаш нешто оддалеку како првично привлечно, предизвикувачко, поттикнувачко за запознавање, а потоа се трудиш што побрзо да му се доближиш, да бидеш со него, да биде со тебе, па и да го освоиш.
-Алудираш на убавинана пред за, од и со љубов, нели?
-Зошто алудирам? Далеку е од нас, но ние штотуку тргнавме барем да ѝ се доближиме, ако не да ја стасаме.
-Јасно е гледањето и слушањето. Што се однесува на воспримањето…
-Ние секако ќе ја воспримиме, а дали таа нас…ќе видиме.
-Ме пресече, не се доискажав. Немам сомневање за воспримањето на убавинана пред нас, туку на нејзината љубов. Што ако таа ја восприми нашата, а ние не нејзината?
-Па ништо. Ќе продолжиме кон друга за одблизу и оддалеку.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 30
