Флеш:
Моќно невреме со поројни дождови и силни ветрови вчера и денеска ги погоди Полска и балтичките земји, оставајќи зад себе поплавени улици, паднати дрвја, оштетена инфраструктура и масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во Латвија и Литванија загинаа две лица, додека околу половина милион домаќинства во двете земји во денеска изутрина се соочија со прекини на струјата.Невремето претходно остави сериозни последици и во Полска, каде што пожарникарите имаа илјадници интервенции поради соборени дрвја, поплавени улици и објекти и оштетени покриви. Првичните извештаи од саботата говореа за околу 19.400 домаќинства без струја, но како што временскиот систем се движеше кон североисток, бројот на погодени значително се зголемуваше. Повеќе од 100.000 луѓе во североисточна Полска останале без електрична енергија.
Две жртви и огромни прекини на електричната мрежа
Најтешкиот биланс е регистриран во Латвија и Литванија. Во латвискиот град Јелгава едно лице загинало кога врз него се урнал дел од објект, додека во Литванија маж го загубил животот откако врз него паднало дрво. Пријавени се и повеќе повредени лица, а во Латвија на 14 луѓе им била потребна помош од итните медицински служби.
Размерите на невремето особено се гледаат низ состојбата со електричната мрежа. Латвискиот јавен сервис LSM, повикувајќи се на операторот „Sadales tīkls“, објави дека изутрината околу 277.000 корисници биле погодени од прекини во снабдувањето. Во Литванија без струја останале повеќе од 200.000 домаќинства. Паднатите дрвја и оштетените далноводи го отежнале пристапот на екипите до дефектите, а невремето погодило и дел од мобилните комуникации.
Во Рига налетите на ветерот надминале 30 метри во секунда, односно околу 110 километри на час. На повеќе метеоролошки станици за еден ден наврнало количество дожд што одговара на приближно половина од просечните месечни врнежи. Паднатите дрвја го нарушиле железничкиот и јавниот превоз, а аеродромот во Рига предупредил дека дел од летовите може да доцнат или да бидат пренасочени.
Полска со илјадници интервенции и поплавени населби
Полска го почувствува ударот на невремето уште во саботата. Пожарникарските служби беа ангажирани за отстранување дрвја и гранки, испумпување вода од куќи, подруми и улици и обезбедување на оштетени покриви. Според полските извештаи, до сабота вечер биле регистрирани повеќе од 8.000 интервенции поврзани со временските услови, а особено погодено било Мазовското Војводство.
Поради прогнозираното влошување на времето превентивно биле евакуирани и 12 извиднички кампови. Во раната фаза на невремето околу 19.400 домаќинства останале без електрична енергија, особено во подрачјата околу Томашов Мазовјецки, Згеже и Пјотрков Трибуналски. Деталниот преглед на интервенциите и последиците од саботата го објави и Euronews.
Во Варшава поради силниот ветер привремено биле затворени градините на Палатата Виланов, Кралскиот парк Лазиенки и зоолошката градина. Властите ги повикаа граѓаните да ги избегнуваат парковите, шумските подрачја и престојот под дрвја додека траат силните налети.
Невремето го зафати и Естонија
Силниот ветер продолжил кон Естонија, каде што најпогодени биле западните и северните области и островите. Нарушени биле дел од фериботските линии, а доцнеле и возови што пристигнувале од Латвија и Литванија. Така временскиот систем за помалку од два дена остави последици на широк појас од Полска до источниот Балтик.
Метеоролозите сè уште не даваат конечна оценка колку климатските промени влијаеле врз интензитетот на конкретното невреме. Експерт од Латвискиот центар за животна средина, геологија и метеорологија за AP оцени дека е можно климатските промени предизвикани од човековите активности да придонеле за поинтензивните врнежи, но за таков заклучок е потребна подетална анализа. Според прогнозите објавени во неделата, временските услови треба постепено да се подобруваат до понеделник.










