Неуловливото

Потребно време за читање: 3 минути

Не знае дали е смислено или обичен стек на околности, но Јас или Тој и Тој или Јас во последно време често со жал кажува дека досега многу ретко се има среќавано со Влада Урошевиќ, еден од бардовите на македонската книжевност. Нагласува со жал, напросто затоа што нивното запознавање започнало без никаков претходен каков било контакт, макар случајна средба, некое препознавање. И тоа Јас или Тој и Тој или Јас во негова најрана младост, а тој во средовечни години; познат, признат, авторитетен, неприкосновен, со свое, посебно, изделено место во поезијата, прозата, критиката, есеистиката. Имено, Влада Урошевиќ откри негови „добри почетоци“ во поезијата, како дебитант, со стихозбирка на негови сè на сè дваесет години. Потоа неколку години имале постојани средби, Јас или Тој и Тој или Јас како соработник на телевизиска емисија посветена на литературата, а тој како уредник на редакција за култура. И…Од пред многу години, веќе неколку децении целосен прекин на директни или индиректни врски меѓу нив. Обичен стек на околности? Сепак не. Но…тоа е тоа.

Јас или Тој и Тој или Јас многу се израдува кога во ова ведро утро во далечина, близу до хоризонтот го здогледа Влада Урошевиќ. Обајцата веќе во години, седокоси, обајцата сè уште исправени и со кренати глави. Од далечина, близу до хоризонтот Урошевиќ поисправен, и покрај разликата од нецели дваесет и пет години.

Јас или Тој и Тој или Јас го забрза чекорот и за неполн половина час се сретна со Влада на самиот хоризонт. Го поздрави радосно, нагласувајќи дека среќавањето секако не ќе е случајно, а тоа најмногу го поврзува со својата преокупираност во последно време: неуловливоста на сонот и стварноста, како и неуловливоста меѓу нив. Се разбира, непотребно нагласувајќи дека среќавањето секако не е случајно зашто плетењето мрежа за неуловливото во неговото севкупно книжевно творештво, особено во поезијата, за Влада Урошевиќ е од круцијално значење во битисувањето на човекот како самосвесна личност.

Јас или Тој и Тој или Јас сега не е сигурен дали воопшто поразговараа, за што било, па кусиов разговор на секој заинтересиран му го наведува со многу малку прекажување. Притоа, оставајќи го во недоумица дали се веродостојни одговорите на бардот на македонската книжевност.

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Неуловливото е во суштината на човечката постојаност. Еднакво мотивирачко и поттикнувачко. И творечко?

Влада Урошевиќ:

-Се разбира. Тоа истовремено подразбира постојаност на предизвик сосе непокор, недостижност и стремеж кон нови простори. Безвременски.

Додава дека токму неуловливото го придвижува живиот свет напред, негирајќи ја неизбежноста на присуството на смртта.

Очекувано, посебно внимание му посветија на мрежата за неуловливото. Се согласија дека човекот ја плете од раѓање до смрт, но до смртта не успева да ја исплете. Тоа значи дека на крајот на краиштата неуловливото останува неуловливо.    

Јас или Тој и Тој или Јас:

-Дали тоа значи дека плетењето на мрежата го презема потомок или го преземаат потомците со оглед на сложеноста? Што е со нејзината испреплетеност? А замрсувањето?

Влада Урошевиќ по време на замисленост:

-Не мора да е потомок или да се потомци. Може да продолжи да ја плете некој непознат, случаен, намерен, самоиздржлив. Дури и некој што е во самоилузии. Зашто е неретко самотворна.

Кому тој му дава предимство-на мрежата или на неуловливото? Одговори кусо:

-На мрежата. Ако таа се плете несоодветно, на пример со премногу јазли, неуловливото останува уште понеуловливо. Па се случува секој обид во таа посока, да се улови колку може повеќе, да биде залуден, да остане што е-предизвикувачка авантура на мислата и творечкиот сух.

Се поздравија, па Јас или Тој и Тој или Јас продолжи кон нов врв, а Влада Урошевиќ остана на хоризонтот исправен и со крената глава.      

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 33