НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

19. Поинаку од друг живот

Од што не ми паѓа друго
на ум
јас пак за добрината.

Вака:

Паметам дека го носевме
на раце
точно пред три години
и три мига;
секоја недела минувавме
крај него
кога имаше невреме
од мразни утра
до морни самраци;
тој го пиеше млекото
за здравје и долг живот
преку земјата што
ја копаше
и ја прекопуваше
цел ден
со бегство во снагата.

Го носевме на раце
пред три години
и три мига,
а секоја недела
му ги враќавме јагодите
и сливите и јаболката,
сосе гранките
и целите овошки,
што ни ги собираше
во нивата
за нашите неродени деца;
најмногу
како предупредување
дека годините
се и за род и за плод.

Кога имаше невреме
баравме починка
под сенката
на неговиот даб
во чии длабоки корења
слушаше извор.

Сега повторно зборуваат 
болните
од осами и молчења
дека немаат друга работа,
освен така да умираат
нормално и со ред.

Добрината е скриена
веднаш зад забите,
знаеше да ни рече,
па долго да повторува
загрижен, замислен
и жален и насмеан.

Болните чекаат поплава,
ни рече еднаш,
а патот е многу долг
до последната цел
на животот;
другпат ни дорече
мојот е само
четири чекори од прагот
на куќаркава
изделкан со стапки
на секогаш добродојдени.

Еднаш
во неговата и нашата
најстара година
под коленото му мина
живо диво месо;
тој чудно решително
го стегна со ракавот
за да нема каде потаму,
како да се пред него
само врати со катинар
на сите времиња.

И точно во утрото
на денот со природа,
од есен до пролет,
го вративме назад
в земја
на ден по три години
и три мига.

Потоа со недели
секоја недела молчевме
сосе јагодите,
сливите и јаболката,
сосе гранките
и целите овошки
што ни ги собираше
во нивата
за нашите сѐ уште
неродени деца.

Leave the first comment