37. Рожба непреболна
Којзнае кога и каде
ја оставивме во дамнина
и моја и твоја и наша;
по љубов,
чекајќи некое следно
чекорење
низ каменит шредел,
низ сува земја до вода
пред да пустиниме.
Тоа е предел некаде
на исток,
уште неоткриен од нас
од север, од запад,
најсетне од југ;
таму сѐ уште треба да има
игра со безгрижно радување,
со умности и убавини,
со откривања на голи тела
до премор од страсти.
Ја оставивме нашата рожба
непреболна, со плач и студ,
и се оддалечувавме од неа
од миг во миг
сѐ повеќе и сѐ побрзо,
со зборови
од срца откорнати,
од воздиви молчаливи
в гради;
дека мораме без неа
да пустиниме
по молитвено збогување,
по молитвени танци огнени.
Паметиме јас и ти
кога ја оставивме рожбата
дури играше криенка
со нашата љубов,
во состојба
како ни на небо ни на земја,
а исправени гордо за опстој,
вековити.
На крајот, кога почнавме
нов почеток со неа,
народот нѐ пречека
жизнерадосно,
како да сме му сториле
неизмерна добрина.
А некаде на исток,
уште неоткриен од нас
од север, од запад,
најсетне од југ,
има извор со сончева вода
за нашите идни рожби
воздигнати.