23. Здив
Во скривница в земја,
каменена,
се собрале редум,
според молчењето,
уморни луѓе.
Се собрале во круг
околу плоча од цртежи
на насилна смрт;
за секој
со своја капка крв
да го допише
своето умирање.
Запалиле оган
со надежи, јунаштва
и залудности
нанижани
како отворени рани.
Едно жарче изделено,
дека е сѐ уште жизнено,
тлее како да е избрано
од уморните луѓе
да остане макар миг
живо по нив.
Одвреме-навреме
некој го турка
подалеку од себеси,
кон излезот
на скривницата,
а тоа се опира.
Продолжува угоре,
кон ширното небо!