19. Поинаку од друг живот
Од што не ми паѓа друго на ум
јас пак за добрината.
Сега вака:
Паметам дека го носевме
на раце
точно три години и три мига
пред да умре,
а секоја недела минувавме
крај него
кога имаше невреме
од мразни утра
до морни самраци;
тој го пиеше млекото
за здравје и долг живот
преку земјата што ја копаше
и ја прекопуваше цел ден
со бегство во снагата.
Го носевме на раце
точно три години и три мига
пред да умре,
а секоја недела му бевме
неизмерно благодарни
за
јагодите, сливите и јаболката,
сосе гранките и корените
на овошките,
што ни ги собираше во нивата
за нашите неродени деца;
најмногу оти тоа од него
беше предупредување
дека годините се
најнапред за род и за плод.
Кога имаше случајно невреме
баравме починка под сенката
на неговиот даб
во чии длабоки корења
се слушаше извор.
Сега повторно зборуваат
неизлечивоболните
од осами и молчења
дека немаат друга работа,
освен гладни и жедни
да умираат како нормално
и со ред.
Добрината е скриена
веднаш зад забите,
знаеше да ни рече,
па потоа тоа долго
го повторуваше
загрижен, замислен
молчалив
и жален и насмеан.
Болните чекаат поплава,
ни рече еднаш,
а нивниот патот е многу,
многу долг
до последната цел
на животот.
Другпат ни дорече
мојот е само четири чекори
од прагот на куќаркава
изделкан со стапки
на секогаш добродојдени
намерници.
А еднаш во неговата
и во нашата
најстара година
под коленото му мина
живо диво месо;
тој чудно решително
го стегна со ремен
за да нема каде потаму,
со смеа убедувајќи нѐ
дека пред него веќе има
само врати со катинар
од сите времиња.
Точно во утрото на денот
со природа,
што за нас обично трае
од есен до пролет,
го вративме назад в земја
точно три години и три мига
пред да умре.
Потоа со
недели
секоја недела молчевме
сосе
јагодите,
сливите и јаболката,
сосе гранките и корените
на овошки
што ни ги собираше во нивата
за нашите сѐ уште
неродени деца.