9. Ако веруваме ние
Мене ќе ме однесат
некои ветришта
многу далеку, подалеку
од амбисот
само со стар костен
во кој некогаш удрила
молња
и му го изгорела коренот
сосе спомените;
секако и твојот повик
и одекот на прелет
на ретка птица
во мртви воини.
Главата мраморна среде
разурнат град
станува голема, поголема
одошто можев да замислам
додека се гледавме
(од)близу
и си ги допиравме
голите тела;
недоброј стрели
на твоето лице,
на твоите усни,
на твоето чело
од не знам кого фрлени
одново да не ми оживееш.
Ова е нов потоп,
мислев,
согледувајќи го
го бурното време
што нѐ пресели
во мртвава тишина.
Главата мраморна станува
голема, сѐ поголема,
а рацете мали, нозете мали,
а очите мали, без зеници.
Да, ова е раѓање на наша
нова мраморна рожба.
Мене ќе ме преселат,
ќе ме бегаат далеку,
многу подалеку од амбисот
во кој остана само
бескрвен камен
сосе наша сенка;
и стара колиба
во која ги живеевме
збогувањата
и твојот и мојот замин
во пустелија
по одек на прелет
на ретка птица.
Устата ти станува голема,
многу поголема
одошто можам да замислам
додека те земам собрана
во еден здив простум.
Неверојатно е колку
бавно онемуваме заедно,
а рацете сплотени мали,
а телата премалени мали,
а очите без зеници мали,
сѐ помали.
Ова е нов потоп, мислев,
оти пролетва има во срцето
доцна есен и мразна зима
со трагични последици
од бурното време
што нѐ пресели
во мртвава тишина.
Ова не може да биде
ништо друго освен раѓање
на нова мраморна рожба
по наше умирање.