19. Голи коски
Навлегле студ и јанѕа
во голи коски
што некогаш крепеле
снага,
на ветромет ја држеле
исправена, стамена,
извишена.
Уште им е жива
срцевината,
уште се соживеани
со земја пустелија,
во земја,
уште сосе траги
на живи и смртни
рани.
Се соголиле коски
до бесмисла;
пред да се растурат
низ светот
со знаци и писмо
за некогашни свои
домашни огништа.