Потребно време за читање: < 1 минута

3. Обземен и облетан
од птици

Ме обзедоа мигум
и мигум ме облетаа
секакви птици,
сакајќи да послушаат
моја неиспеана
или моја недопеана
песна
за човек во години,
со спомени
на негова пустелија.

Кој одамна
ни збор не изустува
ни песна не запејува.

Им викнав во шепот
снеможен
да си ги продолжат
летовите
што ги сплотуваат.

Тие продолжија
мигум
да ме обземаат
и да ме облетуваат.

Наместо песна
моја неиспеана
или моја недопеана,
им раскажав дека
човекот во години,
со спомени
на негова пустелија,
е одамна слободен
како во бестежинска
состојба.

Уште им раскажав
зошто веќе не бара
живот за него,
ниту ја чека смртта:
од рани зори
до ноќна тишина
е во дружба,
во сал нему знајна
игра
со сонцето, сушата,
со жедта и со гладта,
кои ги умирува
наоѓајќи што-годе
во камен и сенка,
во свој корен
длабоко под земја;
а под еден рид
недалеку од него
има скривалиште
во кое ја одмора
својата минливост.

Прочитај и за ... >>  НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Птиците секакви
како што мигум
ме обзедоа
и мигум ме облетаа,
така се разлетаа,
па одлетаа
на сите страни

без мене.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here