Неговата душа

Потребно време за читање: 2 минути

Тој и неговата душа на пат кон само нивно последно живеалиште. Им се чини бескраен, како да ќе немаат сили да стасаат до него. Особено неговата душа која, никому знајно, претрпела, издражала, надминала со него и во него безброј премрежја.  

-Ти како да си уморна, душо моја. Ако сакаш, да побараме во околинава ладовина за починка.

-Уште колку е патов до нашиот дом? Веќе не е далеку, нели?

-Има уште многу. Далеку е…Јас те предупредив дека нашето последно живеалиште е најдалеку од сите досегашни…Имено, затоа ќе биде многу напорно нашево последно патување…Да побарам ладовина, а?

-Не, не. Да, се чувствувам многу уморна, но можам уште…Имам сила…Патов ми дава…Знаеш како го замислив нашето последно живеалиште? Како да сме во рај! Доволно големо и широко за нас двајца. На раб на шума, опкружено со дрвја и разни цвеќиња. Пред него тревник, зад него мала овошна градина…Крај мала река со бистра вода…

По нивен краток молк:

-Ќе биде такво. Не може поинакво за нас…Добро ти е?…Да не се разболе, душо моја?…Ми се чини дека имаш оган…Бледа си…Да не те боли нешто?

-Не, не. Добро ми е…Ај уште некое време по патов, па ќе најдеме ладовина за починка…Знаеш, нашето последно живеалиште го замислив како длабока пештера во карпа на раб на шума. А над него планина со висок врв што ќе го искачуваме секое утро пред изгрејсонце…Само ние двајца…Фала ти што конечно прифати да тргнеме кон нашето последно живеалиште. Ќе видиш, во него ќе ни биде најубаво…Како во ниедно друго од досегашните.

-Знам дека ќе биде…Најубаво со тебе…Душо, да те земам в раце, да те носам ако веќе не можеш да одиш…Имам јас сила за обајцата…Патов и нашето последно живеалиште не ни бегаат…Мислам дека си премалена…Воопшто не ми изгледаш добро…Во оган си!

-Добро, да одмориме па ќе продолжиме по патов…Догледуваш ладовина?

Тој застанува среде патот, се загледува во далечина. Сонцето е веќе високо на небото.

-Догледувам, но не е крајпатна. Прилично е далеку од патов…Се распространила пустелијава…Како да нема крај…Да поодиме уште малку?…Белки ќе дојдеме до друга.

-Ако не догледуваш друга, да отидеме кај таа што не е крајпатна…Многу е далеку?

-Не е многу. Прилично е…Се плашам дека ќе мораме долго да одмораме, во неа да прибираме сила…Со денови и ноќи…А во меѓувреме може и патов да исчезне во пустелијава…Можеби ќе мораме да заживееме во неа, таа да ни биде наше ново живеалиште…Да мораме пак да го одложиме патувањево до нашето последно живеалиште.

-Да стасаме до него, па ќе видиме и ќе мислиме што и како.

-Важи…Само ти да си ми жива и здрава, душо моја.

Тргнуваат кон догледаната, не крајпатна ладовина за починка.   

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 48