Потребно време за читање: 2 минути

7. Провев

Иако се најави одамна, никој не го очекуваше, ниту го очекува. Од проста причина: куќава е одамна празна и трошна, со отворени и испокршени дрвени врати и прозорци со капаци. Освен тоа, нејзините ѕидови веќе се разнишани, со многу извадени и наоколу расфрлани ќерпичи. А и покривот отворен на неколку места, со дупки наместо ќерамиди, особено кон север.

Провевот е постојан, со еднаква сила, независно од времето и невремето. Всушност, тој е и единствен жител и единствен господар на трошната куќа. И во неа и околу неа. Дури завладеал и со нејзината тишина. Ја потчинил на себеси, таа станала буквално негов слуга. Некогаш не се препознава себеси имитирајќи го екотно неговото фучење.

Нема никаква оставена трага од последниот што некогаш живеел во трошната куќа, а ја напуштил последен откога му угаснал огнот во огништето. Според која би можел барем приближно да утврдам кога се случило тоа. Ниту, пак, има трага на некој што во меѓувреме се обидел, но не успеал пак да ја заживее. Несомнено е пред самоуривање, пред претворање во куп греди, штици, ќерпичи, понекој камен, ќерамиди. Само отворените дрвени прозорци со капаци и испокршените врати ми изгледаат како сè уште да успеваат да се спротивставуваат, да пркосат на времињата и невремињата. Помислувам дека провевот намерно ги остава да се држат со `рѓосаните шарки за рамките и ту да се отвораат ту да се затвораат.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 2

Влегувам во трошнава самотна куќа. Го чувствувам провевот. Тој како да се засилува и сè побрзо и посилно се врти околу мене. Се мислам што подобро да сторам: да излезам и да си го продолжам патот или, пак, да го принудам да ја напушти со тоа што ќе ја урнам, ќе ја претворам во куп греди, штици, ќерпичи, понекој камен, ќерамиди. До темел. Така што ни одблизу ни оддалеку да не изгледа дека некогаш била куќа.