Потребно време за читање: 2 минути

6. Личност

Во градски автобус разговараат две млади црномурести момчиња, на дваесетина години. Доволно гласно, очигледно намерно за да слушаат што повеќе од оние што стојат и седат околу нив. Меѓу нив и јас. Досега немам слушнато млади да разговараат на тема личност. Дури, почнав да слушам по малку рамнодушно, без очекување да слушнам нешто интересно или особено.

Разговорот на младите момчиња, од збор до збор, пред да излезам на следната постојка:

-Во ова наше време на дребнавости и медиокритетство лица на секој чекор, а личности сè помалку меѓу нас, крај нас, со нас. И тие што се, докажани како такви, одвај ги препознаваме,-констатира едното.

Другото момче се согласи:

-Точно. Дури не се прави разлика меѓу лице и личност. Тоа е трагично…Тоа е главна причина зошто сме какви што сме и сме во состојбава во која сме.

Првото:

-Го виде средовечнион седнат до задната врата на автобусов? Оној со неуредна коса и брада, со очила на носот, во ветва облека и излитен качкет на главата. Го препозна?

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 7

Другото:

-Се разбира дека го препознав…Поетот Герасим Огненоски. Маркантна личност во современата светска поезија. А во нашава…знаен, ама непознат, непризнаен, маргинализиран. Баш зашто е личност.

Првото момче:

-Што мислиш, што би се случило во автобусов кога тој би станал и би извикал „Јас сум поетот Герасим Огненовски“?…Некому можеби ќе му го сврти вниманието, некој со потсмев ќе праша гласно „Па што дека си?“, некои ќе го загледаат со чудење…Би настанала, ако не трагична, сигурно трагикомична ситација.

Другото момче низ гласна смеа:

-А замисли уште да почне на сет глас да кажува своја поезија. Сигурен сум дека за повеќето во автобусот тоа би било налудничаво…Знаеш што ми паѓа на ум? Јас да се развикам: Луѓе, знаете ли кој е со нас во автобусов? Го гледате оној средовечнион седнат до задната врата? Да, да, оној со неуредна коса и брада, со очила на нозот, во ветва облека и излитен качкет на главата…Тој е нашиот голем поет Герасим Огненовски!…Што мислиш, што би се случило?

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 9

Првото момче сериозно:

-Баш ништо. Повеќето од овие што стојат и испоседнативе може да те погледнат напочерки, а некој што чул за него може и да ти одврати прекорно „Па што ако е тој?“…Што е со нашите личности?

Другото момче пред да замолчи:

-Мислиш на видните, заслужните…творците?…Ништо без нив….Впрочем, тие сами се трудат да бида незабележливи…обични…Се разбира дека се сметаат себеси за личности…големи луѓе…Но, не сакаат, дури се трудат да се прикажуваат како обични…Дека се народни.

И сега жалам што морав да слезам од автобусот, па не го дослушав разговорот на двете црномурести момчиња.