НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 11

Потребно време за читање: 2 минути

11. На врвица пред пајакова мрежа

Морав да ги начулам ушите и да внимавам ни случајно да не дослушам некој збор од разговорот меѓу средовечен човек и старец на свои седумдесетина години, седнати на клупа во Паркот на хероите. Морав откако го слушнав средовечниот како загрижувачки зборува за пајакова мрежа пред негова врвица. Во штотуку паднатиот мрак изгледаа како две блиски човечки сенки. Кога би се обидел, не би можел да ги опишам истакнувајќи некои нивни белези како препознатливи ликови.

Не ги познавав, а и не беа близу. Дотолку повеќе, според опуштеноста на нивните тела тие очигледно ме немаа догледано. Тоа што зборуваа тивко, што речиси шепотеа, сигурен сум дека им беше наметнато од тишината на мракот.

Можам да речам дека тие всушност не разговараа. Всушност, зборуваше средовечниот, а старецот или кимаше со глава молчејќи или му поставуваше поттикнувачки прашања.

Ме замисли она што го слушнав. Признавам дека сè уште го промислувам.

Средовечниот:

-Не одев долго по мојата врвица во густата дабова шума, не бев којзнае колку навлезен во неа кога ненадејно пред мене се испречи пајаковата мрежа. Меѓу два наспоредни столетни даба. Се прашуваш како тоа ненадејно? Зашто е тоа просто невозможно? Човек на своја врвица да не ја догледа и согледа совреме, многу чекори пред да му се испречи? Признавам, и јас се прашав и се прашувам сè уште.

Старецот:

-Белки не помисли, ниту помислуваш дека се испречила случајно. Дека пајакот ја направил од едно до друго твое минување по врвицата поради тебе, а не поради каква било бубалка за кога ќе биде гладен.

Средовечниот:

-Се разбира дека не беше испречена случајно. Не, не за бубалки, туку баш за мене. Сам да се фатам во неа. Сега сум сигурен дека и ќе бев ако не одев бавно по врвицата, внимавајќи да не се сопнам на некоја падната гранка или корен над земја. Поготово што двата наспоредни столетни даба одамна ги имам назначено како меѓници меѓу мојот и светот на густата дабова шума.

Старецот:

-Зошто не ја заобиколи и не си го продолжи одот по твојата врвица?

Средовечниот:

-Го очекував тоа прашање од тебе, старче. Поради тоа и го наметнав разговоров. Очекувам да ми дадеш ука и поука.

Старецот:

-Зошто не ја заобиколи пајаковата мрежа?

Средовечниот:

-Тоа просто напросто не беше возможно. Обата даба фатиле корен и израснале на стрмни места, речиси провалии. Можеби би можел јазејќи се по нивните корени над земја, но не се осмелував…Што сторив? Ништо. Се свртев и се вратив назад, кон почетокот на мојата врвица. Се надевам дека следниот пат ќе ја нема. Пајакот ќе ја напушти, ќе остави да ја збришат времиња и невремиња, негде ќе си сплете нова. Белки не пак испречена пред нечија врвица.

Старецот:

-Не знам ништо за пајакова мрежа испречена на моја или нечија врвица, ниту сум имал во животот искуствто исто или слично како твоето.

Не забележаа кога станав и се оддалечив од нив. Исчезнав во мракот.