Куса средба на Теодор Вишен и Деспина Илијанова, со нивна дамнешна и незаборавна љубов. Од неодамна се среќаваат најмалку еднаш во неделата, а се слушаат почесто на телефон. Обновување на љубовта? Тој е убеден дека тоа напросто не е можно. Поминато е многу време, секој е со и во свој свет, секој со свои ближни. Пријателство? Според него тоа е можно, но е бесполезно и бесперспективно. Без оглед што таа со убавината, стројното тело и самосвесноста се издвојува од сите негови досегашни љубови. Не само, но најмногу затоа нивните средби и разговори се куси.
Нивен кус разговор за навикот:
-Не се може без навици, колку човек да се бори против нив или да се обидува да ги пренебрегне. Но, јас најпрвин ја истакнувам нивната зависност од потребите,-вели убедливо Теодор Вишен.
-Јас мислам дека тие најмногу зависат од квалитетот на животот. И потребите можат лесно да се претворат во навици,-вели ведро Деспина Илијанова.-Јас на навикот би му го спротивставила одвикот,-додава.
-Одвикот е подолготраен и потежок од навикот. Туку…Да се задржиме на суштината на навикот. Најчесто станува збор за однесување во различни состојби, ситуации и собитија. Индивидуално или колективно. Негова главна одлика е повторувањето, а тоа, пак, се поврзува со процесот на условување. Се потенцира зависноста од увежбаноста, мотивацијата на организмот и големината на поткрепувањето. Посложените форми на навикот изразуваат типично однесување на личноста,-образложи Теодор.
-Мене ми е интересно самото создавање навик. Тоа иде најнапред од желбата нешто да стане навик како дел од секојдневниот живот. На пример вежбањето, јадењето здрава храна, пиењето вода…Не знам дали знаеш, дали си чул дека нешто што се практикува секојдневно дваесет и еден ден станува навик,-истакнува Деспина со насмевка.-Најпрвин се разликуваат позитивни односно добри од негативни односно лоши навици. Поврзани се пред сè со здравиот односно нездравиот и квалитетниот односно неквалитетниот живот. Се создаваат несвесно, под стрес, притисок или под влијание на средината, околината, меѓусебните односи на луѓето, моралните и другите норми.
-Да ги оставиме научните сознанија…Доволно е да ги имаме предвид факторите за создавање навик-изложеност на стимул, одговор на него односно реакција и резултат, награда или повратна информација по завршувањето на активноста,-вели Вишен, па продолжува:-Сакам да слушнам што мислиш ти за навикот визави приспособливоста. Јас мислам дека од таа релација многу зависат врските меѓу луѓето. Можеби не и љубовта, но…
Го прекинува Деспина Илијанова:
-И љубовта! Мислам дури најмногу таа… Човек цел живот се приспособува на навиците на друг човек, близок или далечен, истовремено смислувајќи нови, едновремено свои и на местата на одвикнати. При што предничи толеранцијата. Особено кога е збор за љубовта….Ние одамна не сме во љубов само затоа што не умеевме, ниту бевме спремни меѓусебно да си ги толерираме навиците, ниту, пак, еден на друг да си наметнуваме свои.
Теодор Вишен се согласи со Деспина Илијанова. Ѝ подари страници од неговата „Жива мисла“ со свои мисли за навикот:
Добрите навици на други ги прифаќаме како свои и им се приспособуваме, а на лошите им се спротивставуваме за да не ни станат неопходни.
Од навик нема одвик без цврстина и доследност.
Секој навик се прифаќа како незаменлив со друг.
Зависиме од навиците при рамнодушно прифаќање на ритамот на секидневноста.
Избираш човек со добри навици меѓу луѓе кои наметнуваат свои лоши.
Многу е потежок одвикот од навикот кој си го прифатил како дел од твојата природа.
Со добри навици секогаш кон добро.
Несносливи се наметнатите навици.
Навиката најчесто заедно со рутината.
Навиката и рутината ја ништат креативноста.
Предолга моќ создаваат навици на кои немоќта брзо им се прилагодува, слугувајќи ѝ.
Нема навик што усреќува.
Добар навик е оној што не му наштетува никому.
Карактер преполн со постојани навици не прифаќа нови.
Не издржува љубов на која ѝ е најважно прилагодувањето на меѓусебните навици.
На навикот му е најкомотно во процес.
Траеме затоа што на едни навици се приспособуваме, а други менуваме.
Монотонијата во бракот најмногу иде од навиците.
Нема човек што нема никакви навици. Или се истакнати и важни или се прифатени какви што се.
Постојаноста на навиците значи признавање на нивната неминовност.
Навиците можат дури да му ја одземат слободата на творечкиот дух.
Добрите навици привлекуваат, лошите одбиваат.
Блазе си ти дека борбата за квалитет на животот ти станал навик.
Едни навици заменуваат други, следејќи го продлабочувањето на односите меѓу луѓето.
Меѓу навици и одвици секогаш меѓувреме за приспособување или разделување.
Заробеник на навици или на секидневности.
Не можеме заедно зашто ми пречат твоите навици од кои не ни помислуваш да се откажеш.
Со навици бавно стасуваш на целта. Може тие и да те натераат да се откажеш пред неа.
Со многу навици лесно се открива суштината на твојата егзистенција.
Продолжуваме ако се одрекнеш од лошите навици.
Победуваш од навик? Значи немаш достоен противник.
Се привлекуваме зашто ни се различни навиците.
Неизмерно голема и тешка е борбата против лошите навици.
Денешните лоши навици не можат утре да станат добри.
Може да бидат и нераскинливи врските меѓу навиците.
Лоши навики за лоши и за зло.
Не си ги знаеш навиците? Тоа значи дека си неприлагодлив.
Признајте си ги навиците пред да почнете да се зближувате.
Има здрави и болни навици. Здравите го бранат здравјето, а болните можат да разболат неизлечиво.
Лошата навика тешко се прикрива, потешко се менува, а најтешко се напушта. Волјата е пресудна.
Постојаните навици го прават животот едноличен.
Навикот не е карактерна особина, туку тој него го насочува.
Навикот е силен, сеедно добар или лош.
Голата егзистенција се темели на добри и лоши навици.
Самосвесно во костец со навиците.
Навиката го премалува умот.
Човекот се извишува сè додека успева да ги совладува лошите навики, спротивставувајќи им ги добрите.
Навикнувај се на навик кој те одржува во живот.
Просечноста те обезличува зашто со тебе завладеале навиците.
Од навик живееш обично, без бранување.
Не се може без навици, како што не се може без разбирање.
Оригиналноста на творецот секогаш е во корелација со затврдените и негуваните навики.
Се надминуваш себеси менувајќи ги навиките.
Навиките често го принудуваат човекот да прибегнува кон рутинерство.
Љубовта има свои навики со кои се препознава како единствена.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 39




