За насилието

-Пред да промислувам за насилието, присутно некогаш помалку и покусо, некогаш повеќе и подолго откога е светов и веков, го обновив своето некогашно и довчерашно знаење за него. Се разбира, со некои нешта кои ми беа помалку знајни или сосем непознати. Ти ме знаеш, а знае и секој што ме запознал добро дека така пристапувам на која било тема. Поготово на некоја од егзистенцијално значење за човекот и човештвото и која се однесува на мене лично еднакво вчера и денес,-ми вели Теодор Вишен, излегувајќи од дебатната сала на Филозофскиот факултет, по завршување на трибина посветена на насилието денес и што да се преземе против него.

-Ми се допадна твоето воведно излагање. Потсети на основните сознанија и резултати од досегашните истражувања кај нас и во светот, ги изнесе детално постулатите, се задржа на причините и последиците. За мене очекувано заврши со свои мисли и ставови, веројатно веќе запишани во твоето дело „Жива мисла“,-му нафрлив и го прашав:-Зошто прифати да учествуваш? Што имаш ти врска со насилието?

-Зарем досега не сум ти раскажал ништо од моето детство во врска со него?…Ќе ти раскажам другпат,-ми одговори.

Продолжи по краток молк:

-Штета што немаше поширока расправа, што зедоа збор само неколкумина од соучесниците и присутната публика…Речиси сите воведничари имаа таков пристап на темата. Мислам дека не е ни можен поинаков.

Влеговме во неговиот автомобил и тргнавме кон Градскиот парк, на вечерна прошетка.

Патем јас:

-Признавам дека досега не сум размислував подлабоко и пошироко за насилието. Го знам основното, имено дека станува збор за злоупотреба на сила како акт на агресија, а и во минатото и денес е најопасно координираното насилие како што се војната и тероризмот; детално се проучени системските форми-расизмот, национализмот, омаловажувањето. Ти потсети на дефиницијата на Светската здравствена организација: тоа е „интернационално користење на физичка сила или моќ, заканувачки или стварни, против самиот себе, други лица или против група или заедница, а кое резултира во или, пак, има висока веројатност од повреда, смрт, психолошко повредување, лош развој или сиромаштија“.

Патем тој, возејќи внимателно и опуштено:

-Според мене, меѓу најголемите, ако не и најголемо насилие во нашево совремие е колективното, односно политичкото и економското. Мислам на сите форми на државно насилие и мотивираното со економска добивка; пред сè нападите со цел попречување на економска активност и создавање економски фрагментации.

Прочитај и за ... >>  Поразување на тишина

Го паркира автомобилот на паркиралиштето пред паркот, па излеговме и со бавни чекори тргнавме по земјената патека меѓу високите багремови, дабови и букови дрвја. Канделабрите веќе беа запалени.

Последното од мене за темата:

-Се знаат факторите на превенција на насилието, но ефектите…Не разбизрам како е можно да се толку мали, дури никакви. Почнувајќи од еднаквоста на половите, наметнувањето на општествените норми, криминално-правниот систем, почитувањето на човековите права. Учењето на животот воопшто.

Последното од него:

-Ќе го повторам мојот заклучок: во основата на насилието е анималноста и тоа е насочено пред сè кон ништење на човечкото во човекот. Во моето излагање само го начнав прашањето со кое имам намера допрва да се занимавам темелно: комплексноста на очовечувањето.

Во меѓувреме, од трибината до мојава сегашна самост во мојов еднособен стан, прочитав во „Жива мисла“ на Теодор Вишен:

Никому со ништо и никако не му се наметнувам. Тоа би било мое насилие.

Натурената волја е насилие.

Има случаи во животот кога мораш со насилие против кукавичлак.

Човек кукавица е безнадежен. Насилникот може да стане ненасилен.

Ненасилието е докажано како моќна сила против насилието.

„Око за око, заб за заб“ е најдолен примитивизам.

И бегањето може да стане насилие во обидот да се избега.

Насилието против ненасилен е врвно злосторство.

Со ненасилие човекот се докажува дека е човек.

Насилието секогаш предизвикува друго насилие.

Не вреди живот во мачење и патење од насилие.

Посегаш по насилие оти си во тесно.

Насилието е секогаш од немоќ. И при моќ и при надмоќ.

Насилникот е најнасилен кога е заедно со насилници.

Од омраза насилие, од љубов мир и спокој.

Насилие е и ако правиш добро по наредба на твој надреден.

Немој со насилие против кучиња што лаат на карван, а он врви. Они те тераат дури насилно да го запреш и претресеш. 

Слободата се брани со секакво оружје.

Не само ненасилието, но и тоа со друго го прави човекот човек спрема друг човек. 

Инфериорноста по време раѓа насилничка и освојувачка страст.

Со агресија против вистина исто како со лага.

Секогаш за живот до смрт без насилие.

Со демократија против секаков вид насилие. Еднакво како против анархија и тиранија.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 11

Во самоодржување неминовно насилие.

Извршено испланирано насилие се вика војна.

Нема перспектива општество на негови напаѓачи и негови бранители.

И најмало насилие мора да биде казниво.

Добра душа и чесно срце не знаат за насилие. Знаат за љубов и благородност.

Решиле две сили да се уништуваат меѓусебно со насилие.

Храброста не познава насилие, освен кога омразата е пресилна.

Насилие врз дете е непростливо.

Невозможно е ѕвер да се насити без насилие врз оние што му служат како храна.

Ненасилни луѓе спијат мирно благодарение на будни насилни?!

Никаков или кревок мир е секој постигнат со насилие.

Сурово насилство предизвикано од истовремени неодговорност и страв.

Кога ќе се поврзат насилието и лагата, страховладеењето е неминовно.

На насилието ѝ е најкомотно во лагата.

Насилникот е најнасилен врз слаби.

Насилната власт е за еднократна употреба.

Долго патење-сурово насилие.

Во мир нема место за воинственост.

Насилието најчесто се оправдува со непокорност.

Незаконското е секогаш насилно и не смее да се толерира.

Најсурово насилие од дегенерици, алкохолизирани, дрогирани и крадци во гола сиромаштија.

Самоуништување со насилие.

Инфериорноста нужно раѓа насилие и деструктивно однесување.

Неброени и незамисливи се злосторствата во име на цивилизацијата. Во нивната основа се безобѕирните грабежи, палежи и убиства.

При големо насилие неизбежно е разурнувањето. И како причина и како последица.

Нема голема сила која не е подготвена да примени насилие врз слабак.

Човекот се брани кога некој ќе го нападне или врз него ќе примени каква било агресија.

Загрижува постојаниот пораст на насилието во светот. Од меѓу деца и родители, на маж спрема жена и на жена спрема маж, меѓу соседи и држави, па сè до најголемата и последна за опстанокот на човекот-против природата.

Ѕверот во човекот е секогаш на штрек-да ја изрази својата насилничка природа.

Внимавајте на насилието на просечните луѓе.

Нема поголемо насилие од насилието врз творечкиот дух.

Натурената власт е нужно насилна зашто е платеничка.

Принудата со насилство нема никаква врска со правичноста.

Вистината се брани од лагата со сите средства што ѝ стојат на располагање.

Замолчувањето не може да трае долго затоа што е принудено со насилие.

Волк меѓу овци како човек меѓу оѕверени и воинствени луѓе.

ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 42

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.