На умирачка

Потребно време за читање: 3 минути

Му дошло време за умирачка на царот на сите диви и спитомени животни на светот, па ги свикал на простување сите што му помагале во владеењето со царштината. Седнал на престолот за последен пат, пред да легне во смртна постела, немошен, со исушена снага, па им се обратил со последни уморни зборови:

-Мили мои послушници и спроведувачи на мојата политика во мојава зашртина, ви се обраќам за последен пат прибидејќи и мене, како на мнозина пред мене, ми иде смртта за да ме прибере во својот мртов свет. Морам да нагласам дека нејзе и порај сè сум ѝ многу благодарен што ме остави да живеам олку многу години како цар на сите вас, диви и спитомени жиквотни. Ич не жалам што ќе умрам, освен дека не успеав да ја развијам царштинава што да нема на светов поарна, побогата и помодерна од неа.

Ве собрав за последен пат за совреме јас и вие да избереме нов лав меѓу лавовиве спремни да го преземат, да седнат на царскиов престол. Знаете сами дека од изборот зависи многу, да не речам сè, да не речам опстанокот на нашава царштина. Се надевам дека ќе ме послушате како сè уште ваш цар и најдемократски ќе го избереме оној кого ќе ви го предложам јас.

Зел збор еден стар слон, претставник на слоновската заедница:

-Сè уште наш царе, јас мислам дека е крајно време, на твојава умирачка да престанеме со играње демократија. Демек, да го избереме лавот што ти ќе ни го предложиш. Како прво, треба конечно да преиспитаме дали уште лавот е цар на сите нас, дивите и питомите животни на овој свет. Јас мислам дека одамна не е ни според силата ни според умот. Точно е дека он е силен и бестрашен, но во сиот изминат период на нашава царштина не ни се прикажа и докажа како најумен. Да не спомнувам други, ќе ги спомнам само моите собраќа, сосестри, другите блиски и далечни роднини. Ти како одамна да не живееш со нас во ова наше време, па или не знаеш или не ти е јасно дека ние слоновите сме многу поголеми, посилни и поумни од лавовите. Особено кога сме здружени. Очигледно е дека или не знаеш или не ти е јасно дека лавовите се цареви само благодарение на нивното славно минато.

Стариот цар се замислил, па го прашал зачудено слонот:

-Ти, слону еден, предлагаш да избереме слон за цар наместо лав?!

Слонот одговорил самоуверено:

-Зошто да не?

Се слушнал џагор на незадоволство од сите страни, некои од другите животни во царштината почнале да негодуваат дека може да се избере цар од нивните редови, а претставникот на мајмуните се обесил на едно дрво и молчешкум со два прста барал збор. Лавот го догледал, па го прашал:

-Што мислиш ти пријателе, претставнику на мајмунската заедница? Што да правиме со ова разногласие и несогласување? Јас сум просто изненаден од болните амбиции да се биде цар на мојава царштина.

Мајмунот си го почешал десното, па левото уво, го ставил показалецот на слепоочница божем мисли, се подисправил и подвикнал:

-Најпосле дојде времето мајмунско! Царштинава ќе има иднина, не само шанса за опстанок ами и за натамошен развој само со мајмун на царскиот престол! Во светов во кој живееме сзмо со мајмнулаци може да се оди напред. Со нипшто друго! Тоа конечно го разбира и човекот. А како што ви е добро познато, најблиску до него сме ние, мајмуните. Само мал мајмунски чекор или мајмунлак нè дели од нашето очовекување.

Па со длабокоумен глас продолжил:

-За маајмунлак треба ум, а без ум нема демократија во царштина. Прибидејќи ние мајмуните правиме најголеми мајмунлаци, значи ние сме најумни.

Царот го кажал последниот збор:

-Ќе те предложам и ќе те избереме за наш цар само ако ни покажеш и докажеш дека може успешно да се царува со мајмунлаци.

Мајмунот одговорил:

-Само да те предупредам, царе лаву наш, дека не помага никаков мајмунлак сè додека мајмун не седи на царскиот престол.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 57