НА МОИ ГОДИНИ, Почетни песни, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

9. Здравина

Таа ми е за во
последно невреме,
кога конечно ќе
ја дофатам во лет
мислата
дека можеби сепак
од мене не било
залудно сè;
обидувајќи се
да достојам
бранејќи го
правото на живот
со секое семе,
со секој корен
и со секој плод
од земја до небо,
од небо до земја,
сеедно со мене
или без мене.

Само здравинава
да не ме изневери
ненадејно,
во миг на будност
или во спокоен сон;
додека ведроста
на духот
ми е недогледна,
ми е непобедлива,
ми е непореклива,
ми е несоборлива,

како да ми е
од раѓање сонцева.

 

Leave the first comment