20. Докажувајќи
Секако не ми е сеедно
кога нашите снаги полека гаснат
оддалечувајќи се една од друга;
дека повеќе никогаш нема
да се најдат сплотени пред
некоја нова, непозната,
неизмерна, спокојна
или бессона мразна тишина.
Ама не само затоа сум настојчив
во обидот со екотни зборови
да ти докажам колку цел живот
не сум бил на конечна цел,
ниту на почеток или на крај
на постоење човечко со корени
на кои ниедно невреме не може
да им отвори лути рани.
Нека е последно од мене сега
што ти откривам зошто сум
сè уште исправен гол и бос
под ведро небо
и меѓу ѕвезди и месечина,
додека пресушуваат изворите
на моите зборови
во игра со непреболна немост:
Ќе бидеш конечно за сите
недосеглива убост,
зашто само таква те посакувам
и во мојот последен издив.