МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 4

Потребно време за читање: 3 минути

4. Смислена приказна

На влезот на западната страна на одамна напуштениот град , меѓу два рида со два извора и две реки, во голема мазна стена без процеп е изделкан небесно син и црвен коловрт. Досега никој не открил кога и од кого е изделкан. Меѓу оние што одвреме-навреме влегуваат и се задржуваат подолго, најмногу се оние на кои им е знајно дека тој има немерлива заштитна сила. А пред да влезат во градот, чувствуваат во себе енергија која, како што тврдат, им ги прочистува телото, душата, мислата и верувањето во себеси. Всушност, како да преминуваат од една состојба во друга. На некои зналци им е несомнено дека е тој тркало на светлината, поточно го претставува космичкото движење на Сонцето.

На излезот на источната страна на одамна напуштениот град, исто така во голема мазна стена без процеп, е изделкано сонце со шеснаесет зраци. Некои зналци го нарекуваат Аргеадска ѕвезда, притоа мислејќи на кралската династија Аргеади, основоположниците на Македонското Кралство односно на Античка Македонија, чиј митолошки основач е Каран.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 3

Најзагадочно од сè во напуштениот град е тоа што среде него и на околните дебели ѕидини се изнаредени мраморни идентични статуи со различни големини и бисти на една позната жена од антиката-македонската кралица на Египет, фараонката Клеопатра Седма Филопатор; последната од династијата Птоломеј. На висок ѕид на северната страна има релјеф кој ја прикажува нејзината смрт заедно со Антониј-каснување на египетска кобра. На нејзиниот лик се јасно изразени големиот и остар нос, тенките усни и шилестата брада. На сите статуи и бисти на различни места се присутни небесно синиот и црвен коловрт и сонцето со шеснаесет зраци.

Некои намерници кои престојувале ден или ноќ во одамна напуштениот град тврдат дека воделе љубов со Клеопатра. Не треба да им се верува, а тоа најверојатно им иде од знаењето дека египетската фараонка во животот имала многу љубови.

Меѓутоа, пред влезот во градот, на неговата западна страна јас неодамна сретнав еден бездомник кој ми раскажа мошне интересна приказна. Убеден сум дека не е веродостојна, туку од него смислена и бесцелна.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 6

Тврдеше:

„Јас и Клеопатра се знаеме уште како деца, уште од античко време. Заедно растевме, заедно зреевме, заедно сме сè до денес. Во стариве години и сигурно до смрт. Во љубов сме? Љубовници? Никако! Само најдобри и најверни пријатели кои нема што што не си довериле или да не си доверуваат.

Клеопатра мене ми е најлична жена на светот. Со неменлива и неминлива личотија. Верувај ми дека е многу полична одошто е прикажана на нејзините статуи и бисти. И ти си учен дека како фараонка имала многу љубови? Нема врска. Во стар Египет било и е вообичаено од интерес да се стапува во брак, да се изродат деца, па да дојде развод и стапување во нов брак. Кој интерес? Се разбира владеачки. Исто како денес“.

Го потпрашав:

„Зошто и ти како сите други престојуваш во напуштениов град одвреме-навреме, и тоа само ден или ноќ? И зошто таа не ни помислува да го напушти, во кој е уште од античко време?“

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 5

Не се мислеше пред да ми одговори:

„Јас и сите други престојуваме во градов само ден или ноќ, и тоа одвреме-навреме затоа што е напуштен од живиот свет. Тоа значи дека е жив оставен конечно да исчезне. Што е исто како пред самоти смрт, по многу векови секаков живот. На секакви намерници им нуди само сенки и тишина за починување. А Клеопатра не ни помислува да го напушти, иако е во него од античко време и ќе биде до којзнае кое идно, од проста причина: мраморна е, а статуите и бистите се нејзини мигови на опстанување кои никој никако не може да ги оживее“.

Го допрашав:

„Заедно сте и кога не сте?“

Се мислеше некое време, па ми одговори кусо:

„Да, и тоа благодарение на коловртот и сонцето со шеснаесет зраци“.   

Ме замисли.