МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 7

Потребно време за читање: 3 минути

7. Убавина

Монолог

Јас Убавина немам што многу да кажам кога станува збор за беспримерна непорочна љубов, а тоа да бие нешто ново или поинакво од сè досега мислено, домислено, кажано и докажано. Не само затоа што се подразбира да сум секогаш целосно не дел од неа, туку во неа. Најпрвин затоа што јас Убавина неа ја овозможувам, ја раѓам, поточно речено ја создавам за да трае додека траам. Тоа значи дека заемно се поддржуваме, се помагаме, се надополнуваме, се крепиме и едновремено се браниме од навалици и дејанија на грдотиите во стварноста, особено во минливиот живот.

Сепак, сакам да укажам само на две мои димензии кои ретко се забележуваат во други љубови, а се суштествени за мене кога сум две Убавини-мојата и твојата: природноста и самосвесноста.

Имено, мојата природност е постојана без оглед на времето и просторот, и непореклива при какво-годе собитие што макар за миг ја разнишува рамнотежата на постоењето и опстанокот. Притоа, природноста е прилагодлива, што значи променлива  во годините. Особено во годините што дотежнуваат сè повеќе, додека непорекливоста им дава на луѓето стаменост и гордост во чекорењето напред, кон нова догледлива цел. Имено, убавите луѓе никогаш не стојат во место затоа што имаат внатрешни неугасливи енергии; од кои творечката им е прва и последна, од раѓање до смрт.     

Самосвесноста ме брани од сите грдотии пред мене, пред нас, зад мене, зад нас, а благодарение на неа не им дозволувам да се најдат со нас или крај нас. Та не им вреди трудот и напорот да ја обезвреднат и обезличат. Зашто токму моето обезвреднување и обезличување, на јас Убавина, е нивен спас од живуркање. Самосвесноста на убавината, чија да е и каква да е, не им дава на грдотиите да излезат од калта на живуркање во која се заглибени до гуша.

Ќе го докажам и следново:

Убавината никогаш не се престорува во грдотија. Тоа значи дека времето со ништо и никако не може ниту да ѝ наштети, а камо ли да ја истурка на маргините на животот. Може само да се менува нашиот однос спрема неа, и тоа само благодарение на постојаното учење за неа и надградувањето на нашите критериуми. Со други зборови, она што за нас било убаво вчера и е денес не може да стане грдо утре, туку да се открива и осознава во новото убаво.

Јас Убавина секогаш во љубов која трае и која ја богатам постојано, збогатувајќи се себеси. Додека е живот.

Убавини

Прва убавина:

-Ти си единствена убавина. Нема друга како ти. За мене, се разбира…Сите досегашни што сум ги сретил и што сум ги имал се неспоредливи со тебе…Ти си совршена убавина!

Втора убавина:

-Знам, за тебе сум. И мене ти си ми единствена. И за мене немало, нема, ниту ќе има како ти. Тоа е несомнено…Сите што сум ги сретила и што сум ги имала не можат да се споредат со тебе…Затоа сме заедно.

Прва убавина:

-Не само затоа, туку прво затоа. Две убавини во одбрана на убавината на светот и животот. Од грдоста, грубоста, суровоста. И од злосторноста, да.

Втора убавина:

-Прво од злосторноста на човекот спрема човек…На кое дно паднаа луѓе…Тврдат дека и смртта може да биде убава. Можеш да замислиш?

Прва убавина:

-Тоа е незамисливо!…Крај на живот со убава смрт! Крај на светот!…Последно дно!…Нашата одбрана на убавината со мојата и твојата убавина. Во рамнотежа и рамносилност внатрешната и надворешната.

Втора убавина:

-Тоа е суштината. Ако едната е над другата, ако едната ја надвладеала другата, ти си убавина за мене,а јас не за тебе…Често ме прашуваат што е со воспримањето на убавината со мене, крај мене и пред мене. Им одговарам дека е таа дел од мојата штом ја воспримам.

Прва убавина:

-И мене тоа ме прашуваат често. Јас потенцирам дека за воспримањето се потребни знаење, искуство, критичка свест…Се знае дека мојата и твојата убавина, постојано докажувана со рамнотежа и рамносилност на внатрешната и надворешната, ги изразува моите, твоите и нашите емоции.

Втора убавина:

-Единствена убавина на единствена непорочна љубов. Сосе жизненоста и животворноста во спокој.