Потребно време за читање: < 1 минута

Momentum XXVII

Сѐ за голема содржина,
ако треба дури и за секој глас одделно.

Глас 3

Прво сомневањето, а потоа прозракот или созвучјето.

Глас 7

Брехт вели дека плива и оној што не знае да плива.

Хармонија.
Нов напор да се прекаже сонот

или неговата драма можеби.

(Au mouvement):
Толку време помина
откога го рековме
семето на љубовта
со сета раскош и белина.

Во меѓувреме,
слухот измисли
нови звуци за ехо,
молњите почнаа
да шепотат ноќе;
оти немаат
што да ни кажат,
освен да не будат
без цел.

Срната бега
од твојот допир,
гласот ти е суров:
и нож и крв и месо,
ни срце да нема
ако најдеш
пајажина во очите
упорно што те следат
дури скокаш
од куќа на куќа,
од планини в шуми.

Толку време помина
in dubio,
како да завршија
сите игри за најава
на хумани гестови
или хумор.

Но доста беше!
Веќе нема
што да те рани.
Non troppo.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, поетска инсталација

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here