VIII
Колумнистот е аналитичар на актуелните собитија во државата и општесвото? На сите, во сите сфери на животот? Да, сосем. Притоа, дозволувајќи си на себеси едноставност во пристапот, слобода на мислата, сопоставување, изведување на заклучоци и предлагање решенија. Тоа значи и импровизација, површност, волунтаристичко промислување? Во извесна мера да, а имајќи ја предвид природата и суштината на колумната.
Може да се рече дека Гласномисленикот, Дајман од Истин, е жесток критичар на дневната политика, на однесувањето и дејствувањето на политичарите, а особено на политикантството и актуелната власт. Очекувано, неодминливо со оглед на сè што се случува. Особено од перспективна гледна точка. Без никакво воздржување, некогаш дури и со вулгаризација на стилот и јазикот. Бескомпромисен колумнист? Може да се смета таков.
Најрадо пишува за пристојната живеачка на обичниот човек. Кој обичен? Зарем има необичен? Досега на повеќе наврати пишувал за едниот и другиот, како и дистинкцијата меѓу нив. И допрва ќе пишува. Што се однесува, пак, на пристојната живеачка…
Дамјан од Истин е обичен човек чија живеачка е пристојна? Тој е обичен како секој непрепознатлив замешан во луѓе. Облечен во алишта кои немаат никаква „блискост“ со актуелните модни трендови, но секогаш уредни, чисти, складни и комотни. Со спокоен чекор, лежерно движење и ведро лице. Својата живеачка ја смета за пристојна зашто засега успешно ја брани нејзината слобода, независноста и доволноста. Слободна наспроти секидневната навалица на минливоста и дребнулиите, независна од растежот на животниот стандард и богатењето, доволна за неговата самотност и самобитност.
Дамјан од Истин е необичен човек ако се има предвид неговото творештво-создадените и континуираното создавање книжевни дела. За него тоа е личен, внатрешен свет во кој не дозволува да влезе никој. Ниту што-годе од него да сподели со кого било.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Принципиелност и компромис
Колку сме приниципиелни-доследни, а колку компромисни во животот, работата, дејствувањето, политиката?
Ова е уште едно мошне важно прашање за нашето опстојување на овие простори, во овој период на решавачки моменти за опстанокот на македонскиот народ и неговата исконска држава.
Принципиелноста-доследноста најчесто е спротивна, дури „контрапродуктивна“ на компромисот. Најнапред таа претпоставува јасно заземена позиција, став, а тоа, пак, значи претходно расчистување на секакви дилеми или колебања. Потоа, како последичност, таа нужно предизвикува жртвување на нешто, на некој или, најчесто, на дел од себеси. (Целосно себеси не е можно бидејќи тоа би значело личен пораз.) Но, најнапред е втемелена, изградена врз знаење, стручност, компетентност, авторитет.
Колку е нужен, неопходен, неизбежен компромисот? Тој во суштина значи договор врз основа на отстапка од една или друга, односно од две договорни страни. Кога не можеме да останеме принципиелни, да опстоиме на принципите, за да се „помрдне(ме) од мртвата точка“ правиме или ни прават компромис, стануваме или стануваат компромисни.
Се разбира дека постојат низа случаи, состојби, процеси, прашања и проблеми кога не може поинаку, освен да се постапи компромисно. На пример, во основата на она што значи живот, егзистенција, продолжување на човекот: љубовта. Кога ќе се отстранат „периферните“ нешта, кога ќе ја „разголиме“ докрај, таа-љубовта се сведува на договарање-компромис-отстатпка, и тоа од двете „заинтересирани“ страни.
Дали се согласуваме дека принципиелноста е најмногу застапена во науката, во знаењето и творештвото, а компромисот најмногу „игра“ во политиката и конкретниот секојдневен личен професионален ангажман? Дали е воопшто можен компромис во науката, знаењето и творештвото?
Јасно, и науката, како сѐ друго, постојано се „надминува“ себеси, но никако не врз основа на некакви компромиси. Не е можна наука која своите откритија, сознанија, теоретски елаборации и практични искуства ги темели на договарање. Тоа еднакво се однесува и на стручноста, знаењето, компетентноста, а во поширока смисла и професионалноста-како нивна „примена“ во работата и дејствувањето. Евентуалниот компромис всушност значи нестручност, незнаење, некомпетентност, непрофесионалност.
Што се однесува на творештвото, пред сè како процес, тоа е или може да биде „компромисно“ сѐ до резултатот-делото. Реализираното творештво, без оглед на квалитетот, не може дополнително да се „компромисира“ (може да го компромитираат други), туку само да се продолжи, да се надградува или да се обновува.
Компромисот најмногу „игра“ во политиката? Тешко на таквата „компромисерска“ политика. Таа и не може да се нарече политика, туку политиканство или, попросто кажано, сметкаџиство, манипулација и шпекулација, мимикрија, кариеризам итн. Можна е бескомпромисна политика, како вештина во однос на можното? Не е ли тоа и вештината, можното знаење и искуството?
Вистинската политика, која би можеле да ја наречеме и праведна-дека е во интерес на мнозинството, а не на малцинството, е договарање врз основа на принципи-на принципиелност, што значи врз основа на знаење, стручност, компетентност, професионалност. Знаењата и искуствата се многубројни, неретко мошне различни. Се прави договор, компромис за можните, најповолните во даден миг, односно најобјективните или најкорисните, најефектните во дадена ситуација.
Го издвојувам „гнилиот компромис“. Тој не значи ништо друго, освен ултимативност, диктат и безрбетништво. Поставувам едно „внатрешно“ прашање за сопоставување на ставови:
За каков компромисен политички договор може да стане збор користењето на знамиња на етнички заедници на „штета“ на државното-негово непоставување, значи непочитување дури и на државни празници? Таквата постапка овојпат само ја спомнувам и како кривично дело, а за кое досега никој не одговарал.
Прво, такво нешто во светот не постои, а кога ние веќе го измисливме ред е најнапред да се обидеме да го дефинираме како наш „придонес“ за науката. А второ, науката, станува збор за хералдиката, одамна кажала јасно, гласно и мошне прецизно:
Во една држава не може да се вее знаме на туѓа држава или на туѓи држави. Бидејќи знамето и другите државни симболи ја изразуваат и ја афирмираат унитарноста, интегритетот и идентитетот на државата; еднакво нејзиното достоинство, почитување и припадност.
2. Клевета и лага
Дали грешам ако помеѓу клеветата и лагата ставам знак на равенство? Барем кога сме ние во прашање и кога се во прашање „македонцките работи“?
Можеби само малку. Затоа што обично клеветата се „реализира“ најчесто со лага, поретко со манипулација и шпекулација, а најретко со вистина.
Каква ли би била таа клевета ако некој се клевети со вистина?! Апсурдно, нели? Не е, ако вистината е всушност „полувистина“ или „недокажана“ вистина-лага за оние што се придружуваат на клеветата. (Треба ли вистината да се докажува? Нели е докажана со тоа што веќе се потврдила како таква?)
Се разбира, отсекогаш било и е лесно да оклеветиш некого за нешто. Лесно е затоа што немаш потреба од докажување или самоодбрана при нападот. Клеветата сама по себе е напад предизвикан или поттикнат од самоодбрана. („Си ја има мувата на капа…“)
Значи, немаш потреба од вистина бидејќи вистината открива, а не етикетира, не манипулира, не шпекулира, не оцрнува. Сето тоа и е својствено на лагата. Притоа, да клеветиш лажејќи доаѓа некако полесно и поподносливо, отколку да лажеш клеветејќи. А уште понеподносливо е и да клеветиш и да лажеш во исто време. Сепак, ќе повторам: клеветел и/или лажел, му доаѓа на исто. Многу повеќе му доаѓа на оклеветениот и излажаниот, отколку на клеветникот и лажгото.
Кој помеѓу нас, во ова наше време и во оваа наша жална и (без)надежна Македонија најмногу има потреба од клеветење и/или лажење? Најпрвин помисливте на политичарите? А не помисливте попрво на бизнисмените, на оние од врвот наречен бизнис-олигархија?
Лично јас подолго време размислувам едновремено и за едините и за другите. Едноставно затоа што можам да ги видам сѐ поретко, да ги сретнам едни спроти, едни наспроти, едни против или барем едни покрај други. Сѐ почесто ги гледам и ги среќавам едни со други, заедно, рака под рака. Неретко и прегрнати, како браќа и сестри кои одамна не се виделе и не се сретнале-живи радосни оти направиле уште еден во низата дилови „во четири очи“. Дури ми станува сѐ потешко да ги разликувам! Не во нивното дејствување и работење „за доброто на Македонија“, туку во клеветењето и лажењето.
Не ме загрижува нивното меѓусебно, туку клеветењето на народот и лажењето на светот!
3. Зошто да биде едноставно кога може да биде комплицирано?
Можеби насловов на овој прилог не треба да заврши со прашалник, туку со точка (рамнодушно) или со еден извичник (зачудено), односно со два или три (револтирано). Ако прифаќам „можеби“, тогаш ми се чини дека најсоодветни би биле точка и запирка, по што би следеле додатни или алтернативни наслови.
Кои? На пример: „Зошто да биде јасно и рационално кога може да биде замаглено и апсурдно?“; „Зошто да биде современо и брзо, кога може да биде (при)просто и бавно?“ (алтернативно: „Кај си запнал? Ако ти се брза, оди кај брзите!“); „Зошто да биде лесно и евтино, кога може да биде тешко-мачно и скапо, ма најскапо?“; „Зошто да биде учено, кога може да биде неначуено и со текот на времето да се (под)научи?“; „Зошто да биде стручно и компетентно кога може да биде (само) рамковно?“.
Сакате уште? Мислам дека ќе (ви) биде доволно уште ова (со точка на крајот):
Зошто да биде европско, кога може да биде западнобалканско.
Мислам дека ви е сѐ јасно во врска со темава што ја поставувам и сакам да ја прикажам во кроки потези. Не ви треба тоа од мене? Ама судејќи според сѐ досегашно и сѐ сегашно (без исклучок), не им се доволни на оние кои треба да одговорат, да одговараат (за досегашното и сегашното) и да работат-дејствуваат. Значи, редовите што следуваат им се повеќе наменети ним. Вам ви се наменети само како почетни за да продолжите во зависност од расположбата, знаењето и личната определба. Со мала и скромна, скриена надеж дека, ако ништо друго, за почеток ќе се прашаат:
Навистина зошто?
Најнапред, едно додатно прашање на кое имам кус и дециден одговор:
Зошто најчесто прашуваме зошто (како во мојов наслов и понудените алтернативи)?
Одговорот е:
Затоа што нема затоа од оние што ги прашуваме зошто. Кои се тие? За разлика од многумина кои мислат дека тие се оние од власта, јас мислам дека се други: оние зад власта. А кај нив, пак, воопшто не „игра“ прашањето „Зошто?“, туку „Како?“, со одговор: „Само вака и никако поинаку“! Односно како што само ним им одговара, а не, на пример, на сите нас.
Јас мислам дека имаме проблем со нив поради едно друго прашање, а кое никако да почнеме да го поставуваме што почесто јавно. Можеби затоа што може да се случи да ни го прогласат за едно од оние кои не заслужуваат одговори, па молчењето (или стравот) да го поставуваме да ни го третираат како „правилно“, „демократско“, „проевропско“.
Прашањето гласи:
До кога?
Да резимирам:
Проблемот со „Зошто вака кога може-треба онака?“ ги актуализира основните, клучните, егзистенцијалните прашања за нас во нашава сегашност и иднина сосе минатото: „Зошто, како, до кога?“
Фалат уште две за „комплет“, кои не се иницираат, ниту се поставуваат бидејќи не бараат никаков одговор (можеби затоа што тој ништо никому не му значи):
„Од-до каде?“ и (уште) „Колку?“
Во овој мој прилог сепак ќе се задржам само на насловот:
Зошто да биде едноставо, кога може да биде комплицирано?
Во изминатиов транзиционо-реформски период сѐ , ама баш сѐ ни искомплицираа толку (оние зад власта со помош на оние во), што се плашам дека и самите станавме многу комплицирани. Та никој, на пример меѓународниот „фактор“ не може да нѐ поедностави. Не толку како луѓе, граѓани на оваа држава, колку како нејзини припадници.
4. Политичари и политиканти
Политикантството е колоквијален израз со кој се означува дејствување спротивно на општата и јавна политичка дејност. Со други зборови, тоа е дејствување поради лична материјална корист, сигурност, кариеризам, потоа заткулисно дејствување, озборување, беспринципиелно здружување поради моментна корист; како и градење на политички позиции со неполитички средства: со лични врски, роднински односи, поранешни заслуги, бирократски итроштини, уцени, полтронство, подмитување-корупција и слично.
Најдиректно се „врзува“ за личниот интерес, и тоа пред сѐ во бизнисот (бизнис и политика).
За разлика од демагогијата како „борнирана“ политика , политикантството е под нивото на политичкото дејствување, па поради тоа подлежи на спонтана морална и политичка осуда.
Можам да приведам бројни детални теоретски-стручни елаборации за политиканството во минатото и денес, кај нас и во светот. Сепак, мислам дека за ова наше заедничко промислување се доволни приведените енциклопедиски назнаки.
Она што сакам да го проблематизирам е пршањето не дали имаме, туку колкумина имаме политичари, а колкумина политиканти. Притоа не мислам на нивниот број. Од проста причина што не можат да се избројат ниту едните, ниту другите, а особено затоа што мошне често едните „преминуваат“ (свесно или несвесно) кај другите. Мислам единствено на нивното препознавање односно на нашата способност да ги препознаеме (навреме) на политичката сцена. За да не нѐ заведат, да не станеме исти како нив.
Лично мислам дека во сите политички партии во огромно мнозинство се политикантите. Политичарите или ги нема на сцената, безгласни се, или се ретки „идеалисти“ кои единствено стручно, со многу знаење и искуство можат да ја образложат и бранат политичката „провениенција“-идеологијата ипартиската платформа. Најпоразително е сознанието дека политиканството во немерливи размери ги заразило младите (-подмладоците) во нашите партии, па перспективата на нашата политика (во најопшта смисла) е дури застрашувачки мрачна.
Да повторам:
Ако се знае суштинското значење на поимот „политиканти“, тогаш лесно може на македонската политичка сцена да се препознаат вистинските политичари. Како и досега, сигурно е дека и на следните избори (локални, парламентарни) тие, за жал, ќе доживеат уште еден пораз од нив. А бидете сигурни дека таквата понуда на изборите ќе биде навистина „богата“-со лицемери, кариеристи, заткулисни „рабортници“, полтрони, беспринципиелни лица и маски, медиокритети.
Ако мислите дека претерувам во оценките и прогнозите, замолете најучтиво кој било млад „политичар“, од која било партија, искрено да ви одговори зошто се занимава со политика, од кои побуди, со кои и какви цели. Притоа, инсистирајте истите да не си ги оценува пред вас ниту како егоистички, ниту како алтруистички.
Политичари или политиканти? Знаете како најлесно ќе ги натерате да се откријат што се оние кои ќе ви бидат понудени за избор? Ако од секој посебно побарате одговор на прашањето:
Дали мислите дека политиката е занает?
5. Создавање и вреднување
Ова не е тема од вчера. И досега, како мнозина други, сум ја (ре)актуелизирал. Мислам дека не грешам ако кажам оти е една од тн. „дежурни теми“, особено кога станува збор за нашево време и нашиве состојби. За жал, таа и натаму е најмалку интересна, актуелна кај оние-помеѓу оние што би морале да ја имаат како една од првите, ако не и прва точка на дневниот ред на нивните „агенди“.
Токму затоа не ќе е лошо пак да се навратам на неа и да потсетам, ако некој (случајно) заборавил. Но, многу повеќе да предупредам на она што најмногу го очекуваме од оние што ни ја кројат „капата“.
Сте чуле ли некој од нашите политичари да зборува за создавањето во која било област и/или за вреднувањето како процес (валоризација-ревалоризација)? Не? А знаете зошто? Затоа што тие политиката ја разбираат и практикуваат (ако воопшто така може да се нарече нивната „работа“) единствено како дејствување од позиција или опозиција, а кое поинаку се нарекува борба за власт или против неа. Секоја чест на исклучоците. Не оти го потврдуваат правилото, туку се оградувам поради малата надеж дека нивното постоење времето е или ќе биде филтер во функција на тн. преродба, а точно: радикален пресврт во севкупното наше живеење, дејствување и опстојување.
Она што најмногу го слуша(в)ме досега, а веројатно така ќе биде и во блиска иднина, е дека за Македонија е најважна економијата. Таа треба да биде приоритетна задача бидејќи „сѐ е економија“.
Во некои мои поранешни колумни понудив неколку главни, всушност основни аргументи и факти. Овојпат само ќе потсетам на првата лекција за „големи деца“:
Не економија, па сѐ потоа, туку економија и напоредно со неа сѐ друго!
Помеѓу другото, претходното тврдење е и марксистичко-ленинистичко. (Се сеќавате на „базата и надградбата“, односно дека „нема база без надградба“?)
Првата лекција се дополнува и со друго: во владеењето (раководењето) на државно ниво сите области на животот имаат подеднакво значење и валидитет (квалитетот на животот).
Сакам да потсетам на нешто што мнозина, да не речам сите актуелни политичари или не го знаат, не го научиле, или го подзаборавиле-го подзабораваат:
Секое дејствување и секое работење се потврдува во создавањето-создаденото. Ако ја нема таа потврда, тогаш во конкретниот случај (-политичарите) тоа не е ништо друго освен „гола политика“ или политиканство. Може да се работи и дејствува без нешто да се создава-да се создаде? Што (ни) создадоа досега?
Меѓутоа, и „општите“ аналитичари постојано предупредуваат, поточно бараат нешто што никако не се прави, не се поставува. Не ми е далечна помислата дека намерно, најмногу од страв се одбегнува, се одложува, се маргинализира.
Станува збор за вреднувањето. За вреднувањето на создавањето-создаденото. Кај политичарите тоа е најнепосредно, најдиректно поврзано со отчетот.
Нема вреднување без поставен, утврден систем на вредности? Се разбира. Но внимавајте да не грешите, па тој-системот да го изедначувате со стандардот (европски, светски). Се работи за две сосема различни нешта, конкретно категории.
Системот на вредности би можел (со многу задршки) да се спореди со „правила на игра“. Тие би требало да кореспондираат со европските-светските, но сепак да бидат и наши. Што ќе рече многу поостри, потешки, подрастични. Не за друго, туку за најбрзо што може да се достигнат, да ни стане лесно и ефикасно „играњето“ според европските-светските. Токму така: „правилата на игра“ се дел од поставен, утврден систем на вредности.
А што правиме кога оние во власта не ни помислуваат да го направат најпрво тоа, не ни спомнуваат дека најпрво со тоа ќе се зафатат? Не правиме ништо!