КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IV, роман

Потребно време за читање: 9 минути

IV

Кој е колумнистот и гласномисленикот

Кој е колумнистот? Интересно, досега никојне се заинтересирал за него како човек со име и презиме; поточно речено како личност која, со оглед на вниманието што го предизвикува со секоја објавена колумна, е очевидно авторитетна и мошне влијателна. Како да им е доволно да го викаат Колумнист. Дотолку повеќе, тој самиот придонесува за тоа поптишувајќи се така или со псевдонимот Гласномисленик, но што е прифатено од малкумина.

Колумнистот или Гласномисленикот е познат мислител и книжевник, со завидно и видно мислечко и книжевно творештво: збирки афоризми, збирки со книжевни критики и есеи, стихозбирки, збирки раскази и три романи; со избори од негова поезија, раскази и роман преведени на англиски, француски, германски, турски, хрватски и романски јазик. Меѓу нив засега ниедна од досега осумте збирки колумни со заеднички наслов „Мислам и домислувам“.

Станува збор за Дамјан Истиноски, педесет и шестгодишен, кој најчесто милува да се претставува како Дајман од Истин. Истин се викал татко му.

Колумнистот-Гласномисленикот веќе преживеа два инфаркта. Најмногу како последица на секидневната лична борба за лична и колективна слобода, а најпрвин за слободоумност. Се разбира, и на неуморната, секидневната, исцрпувачката творечка работа.     

Од колумните (поентите)    
на Дамјан од Истин      

1. Власта не треба да е власт!

Власта е ваква или онаква, полуваква или полуонаква: според обликот на владение-монархија, диктатура, република, хилафет; според типот на политичкиот систем-автократија, олигархија, демократија и суракратија; единствена или поделена (законодавна, судска и извршна), централна или локална, едноставна или сложена, функционална…Најпрвин демократска или недемократска.

Основно познато или што може брзо и лесно да се научи:

Власта е моќ за користење. Таа ја има моќта со право да ја користи. Со други зборови, таа е институционална моќ. Произлегува од волјата на граѓаните или општествените организации, а основа на таквата моќ е нормативниот поредок кој наедно ѝ дава легитимет. Притоа е мошне важна организацијата. Всушност, без неа власта е невозможна. Се темели на односи меѓу правата и должностите, односно одговорностите на нејзините носители и на оние со кои таа владее.

Кога е збор за власта воопшто, акцентот треба да се става на моќта. Имено, со неа власта врши надзор или насочува, а е ограничена на опфатот на оние што го имаат правото на користење.

Бројни се функциите на власта. Ќе ги спомнам само економијата, образованието, здравството, науката, културата, развојот и одбраната на територијата, државата и општеството. За одржување на редот и мирот користи форми, органи, организации и методи: спроведување на закони, полиција, војска, инфрастурктура на судството, администрација, траспорт, социјална помош.

Моја заложба:

Власта не треба да биде власт. Особено во демократски држави и демократски општества. Тоа значи дека нејзината моќ треба да биде насочена на надзорот и контролата на спроведување на нормите, правата и одговорностите. Но, како демократска во најголема мера треба да се концентрира на ангажман на обезбедување атомосфера, амбиент, услови и можности за целосно остварување, изразување и докажување на граѓанинот како единка и на граѓанското општество од една, а од друга страна за непречено функционирање и перспективен сестран раст и развој на државата.

Оваа заложба претпоставува неколку суштествени предуслови: беспрекорна организација со највисок достигнат развоен степен на автоматизација (дигитализација), деполитизација и департизација, јасно и прецизно дефинирани конкретни права и одговорности, знаење, острученост, искуство, делотворност, креативност, неприкосновена авторитетност и докажаност со дело-творештво. Од особена важност е и целосното оневозможување на волунтаризмот, во сите сфери и на сите нивоа.

Сето наведено е предуслов за секое и сечие успешно индивидуално и колективно работење? Се разбира! Затоа што власта не треба да биде власт, туку работен личен и колективен ангажман за доброто на секој и на сите. За таа да не биде ни „слатка“ ни „горчлива“.      

2. Помеѓу колективниот и индивидуалниот идентитет

Општествените промени што ги остваривме поради потемелно, посуштинско освојување на граѓанските слободи и демократијата воопшто, на културниот и цивилизацискиот напредок ја отворија перспективата на личноста и нејзиниот пред сѐ творечки идентитет; таа да се најде во конкурентско опкружување, постојано да ги проверува своите способности и достигања, да се надградува себеси со забрзано темпо, до степен рамноправно да комуницира со светот.

„Довчерашниот“ општествено-политички и економски систем, во многу домени деструктивен, демагошки, едноумен, во голема мера и тоталитарен, го оневозможуваше човекот, го ситуираше во мошне тесни, привилегирани кругови задоени со кариеризам, хиерархиска надреденост и подреденост, егоизам и снобовштина. Прилагодувањето беше егзистенцијален услов, а секое свртување од „нормалниот“ колосек значеше етикеција од прв, втор, трет итн. степен, прогласување за „внатрешен“ или „надворешен“ непријател од прв, втор, трет итн. ранг. Со евентуално дисидентство не како пребег, како спас, туку како „херојски“ чин на индивидуалното несогласување и отпор.

Го напуштивме таквиот систем. Се ослободивме од тоа „вчерашно“ време, се ослободуваме од сопствените заблуди во името на новото. Во согласност со севкупните промени во светот што ги диктира технолошката револуција, но и севкупните општествено-економски движења и промени во развиениот свет.

Завршен заклучок:

Заложбата за модерно граѓанско општество го исфрли на преден план граѓанинот со неговите права и слободи, со неговиот индивидуалитет. Наспроти колективната свест и колективизмот. Дали?

И на промислувачот без компетентна аргументација му е јасно дека ништо не се може „преку ноќ“, дека сите промени што настанаа кај нас и во светот, што ги овозможи незадоволството од постоечкото се дел од развојниот процес. И дека тој процес ќе трае прилично долго со оглед на материјалното, социјално-политичкото, културното и, воопшто, структурното ниво на општеството.

Во таа смисла, политичката плурализација не значи истовремено ослободување од едноумието затоа што освојувањето на власта и доминацијата многу лесно наметнуваат ново едноумие. Дотолку повеќе што демократски избраната нова власт, со победа или супремација на една партија, речиси без исклучок најнапред ги брани и афирмира националните интереси, дури по цена на подгревање на националистичките страсти, а како неопходен „здив“ или „меѓупростор“ за себеснаоѓање, оспособување да се зафати со крупните општествени и економски проблеми на заедницата и поединецот.

Според тоа, националистичката еуфорија во поранешниот југословенски простор не може да се толкува како нешто „што мораше да се одживее“, што едновремено значеше регресија наместо демократизација, туку како последица на неспособноста и неадаптибилноста на новата власт.

Агресијата врз индивидуата, најнапред врз нејзиниот идентитет, е conditio sine qua non. Колективниот, конкретно националниот идентитет станува цел сама за себе. Ја заробува индивидуалната свест сосе целиот нејзин интелектуален капацитет. Во интерес на нацијата, борбата за одбрана на нејзините граници, жртвувањето на индивидуата, нејзината „херојска“ смрт станува епизода.

Веќе е евидентно:

Националното чувство не е во колизија со индивидуалниот идентитет, па и со неговата космополитска димензија. Националистичкото, пак, напротив, го потиснува, па и го негира преферирајќи го колективниот. Не станува збор за никаква противречност: слободниот развој на нацијата, ликвидацијата на националните нееднаквости, остварувањето на правото на самоопределување до отцепување. Целосната културна, економска и политичка самостојност не значат и афирмација на националниот, колективниот идентитет на сметка на индивидуалниот.

Национализмот, пак, кој во својата основа претставува идеолошко средство за мобилизација на општеството во корист на политичките и економските цели на новата власт, речиси целосно го негира и уништува индивидуалниот идентитет за сметка на колективниот. Национализмот ја претпоставува агресивноста, нетрпеливоста и исклучивоста. Се потпира врз малограѓанскиот менталитет. Наспроти тоа, индивидуата го претполага квалитетот на живеењето, одбраната на личниот интегритет, творечката идентификација во светот на вредностите.

Можен ли е пораз на интелектуалната моќ на индивидуата пред агресијата, војната и смртта; во одбрана на колективниот, националниот идентитет, всушност национализмот? Каде се изгуби граѓанинот-космополит од овие балкански национално-националистички простори?

Дали е изгубен? Или е само притаен и го чека „своето време“ за да излезе, да „исплива“ на виделина, да ги преземе работите во свои раце?

Го препознаваме токму помеѓу колективниот и индивидуалниот идентитет.

3. Создавање на стварноста

Создавањето на стварноста (виртуелна стварност?) не е ништо друго освен маинпулација со јавноста. Притоа, станува збор за создавање, значи за процес, а не за создадена стварност. Затоа што да се создаде стварност е практично невозможно.

Имено, се создава посакувана, што ќе рече лажна, нереална, непостојна стварност. А не може да се создаде, односно да биде дефинитивна, бидејќи во еден клучен момент процесот на создавање се судира со реалната, „суровата“ стварност и сиот напор паѓа во вода.

Ја спомнав виртуелната стварност. Најчесто и најлесно се создава во виртуелен-нестварен свет, и сама по себе не е стварност. Меѓутоа, за разлика од создавањето на стварноста што има јасна намера и цел-манипулација, замајување на народот, „измиени мозоци“, виртуелната е повеќе необврзна игра, забава, самоволно бегање од стварноста во нестварен свет (со свест за нестварноста).

Создавањето на стварноста и живеењето во стварноста најчесто се одвиваат паралелно сѐ до моментот на „освестувањето“, кога и создавањето и живеењето ќе ја достасаат својата кулминативна, најчесто мошне болна точка. Потоа дотогашната еволуција повеќе не е можна. Можна е само револуција.

Оние што ја создаваат стварноста, а тоа се најчесто владејачките структури во тесна врска со медиумите, или не сфаќаат или не прифаќаат дека стварноста не може да се создаде, туку единствено да се живее. Процесот на создавање е резултат на неподнослива состојба на живуркање, поточно на забрзано тонење кон дното, на умирање.

Кога власта во тесна врска со „своите“ медиуми создава стварност?

Одговорот се знае: кога станува неподнослива од неа создадената стварност, па нема друг начин да се одржи на власт, да биде избрана повторно, освен да создава стварност која ќе претставува целосна спротивност на од неа создадената. Поедноставно речено: црното не е црно, бидејќи треба да го гледаме бело.

Успева ли? За жал да, и е смешно кога не би било трагично. Мислам на последиците.

Како таа ја создава стварноста? Со сите средства и на сите можни начини. Најбрзиот е „статистичкиот“. Дали македонската статистика е во функција на создавање на стварноста? Одговорете си сами.

Ја спомнав кулминативната, најчесто мошне болна точка на создавањето и живеењето. Во нашево време се доаѓа до неа побрзо или побавно во зависност од интересите и потребите на тн. „меѓународна заедница“.

Во нашево време токму благодарение на неа веќе сме во болната точка, или во една од многуте во кои допрва ќе „дојдеме“: создавањето на стварноста поради која „наскоро“ ќе станеме држава-кандидат за членство во ЕУ. Со стандарди далеку под европските, во сите области на нашево живуркање.

4. Оригиналноста и еклектицизмот

За оригиналноста чинам дека не е потребно никакво објаснување или толкување: нешто прво, единствено во видот, самостојно, кое се разликува од обичното-особено во творечка смисла.

За еклектицизмот:

Во филозофијата тоа е начин на мислење кога некој не создава свој сопствен систем, туку го избира од други системи она што му се чини точно и погодно-поволно, па тогаш од тоа гради целина и систем. Еклектичар е оној што не создава свој, сопствен систем, оној што од други го присвојува она што му одговара; еклектички-нетворечки, неоригинален.

Оригиналноста и еклектицизмот се спротивставени категории односно процеси. Оригиналноста е процес на создавање ново, единствено, препознатливо, комплексен творечки процес. Еклектицизмот е преземање, присвојување, „позајмување“  поточно крадење. Сосема нетворечки. Тој треба да се разликува од имитацијата која, пак, претставува обид за творештво, создавање, а е всушност лажен приказ, показ, доказ со цел злоупотреба, користољубие.

Кризата на едно време или процес, пред сѐ кризата на идентитетот е најдиректно поврзана со оригиналноста од една страна, која би можел во овој контекст да ја изедначам со творештвото (се разбира оригинално, инаку не би било тоа), и еклектицизмот од друга, а чиј резултат е самонегација, бесперспективност, компромис исклучиво на своја сметка и за туѓи интереси; прекројување, заграбување од други на сопственото минато до себенепрепознавање, самоуништување.

Одбраната на честа, достоинството, гордоста, како и негувањето на патриотизмот, мудроста и искуството, се обврска која ја чувствуваат и ја преземаат, ја реализираат творечките личности, оригиналните духови, богатите умови.

Нивни најголеми противници се еклектиците. За жал, најчесто „посилни“ од нив (во наводници бидејќи всушност во суштина не се и не можат да бидат) со својот примитивизам, малограѓанштина, ограниченост, празнотија. „Посилни“ се затоа што агресивноста им е иманентна „содржина“ на дејствувањето.

Светот го движи напред оригиналноста, а го уназадува еклектицизмот. Благодарение на оригиналноста творечкиот дух постојано се надградува себеси, отвора нови перспективи.

Мошне актуелно прашање во рамките на амбициите на Македонија за што поскорешна евро-итеграција:

Што земјава ѝ нуди на Европа (ЕУ) како свое, оригинално,творечко? Што вградува во нив, колку е и ќе биде дел од „заедничкото во различностите“?

5. Култура, творештво, автор-систем на вредности

Еден лидер на партија, која претендира да победи на парламентарни избори, да ја освои власта, при јавен настап, сведувајќи сѐ на економијата, меѓу другото рече дека „и културата е економија“. Дали мислеше на нејзината основа („нема ништо без пари, па ни култура“) или на економската култура-не е познато. Во секој случај, станува збор за симплифицирање на нештата, поточно за непознавање или занемарување на категоријата вредност која никако не може да се сведе на пазарна или ценовна.

Културата е економија во однос на ресурсите во неа и делот кој се валоризира пазарно (се комерцијализира). Меѓутоа, и во развиениот свет нема пазар за дела кои не се „она што народот го бара“, па таквите државата ги „сервисира“. Во тој контекст проектите на една „зрела“ Влада, која континуирано интензивно работи во текот на целиот свој мандат, би морале во значителна мера да се однесуваат на културата и творештвото. А во последниве години бележиме, на пример, драстично намалување на буџетските средства токму за културата, творешвото, образованието, науката. Уште помалку се искажува, покажува, докажува грижа за творецот и неговото дело. Поконкретно за неговиот економско-социјален статус. Најмалку, пак, се работи на „модерното работење“ во културата и творештвото.

Не си ги поставувам на себеси прашањата за состојбите во културата, третманот на творештвото и статусот на авторот, бидејќи одговорите се знаат одамна, туку ги (ре)актуелизирам бидејќи забележувам дека никој, ниту партиите од позицијата, ниту од опозицијата не ги става на предизборниот „пиедестал“. Имено, творештвото и авторот или се само спомнати („ќе се реализираат проекти во културата“) или се набележани некои без потемелна разработка. Воопшто не се ни спомнуваат проекти за меѓународна афирмација на културните достоинства на Македонија. Ниту, пак, за поддршка на создавање дела, на присуство на наши творци во светот и сл.

Запирам на три клучни прашања чии позитивни одговори, очигледно, скоро не можеме да ги очекуваме: економско-социјалната положба на авторот-творецот, во сета негова комплексност (статус, егзистенција, заштита на интелектуалната сопственост-на неговото дело, критичка валоризација на неговото творештво итн.) и менаџментот во културата.

Што се однесува на првото, само ќе спомнам една „баналност“ (во наводници бидејќи е најмалку тоа): статусот слободен уметник-творец се „регистрира“ навистина навредливо, како „трговец-поединец“. Тоа значи дека уметничкото творештво се смета за „обична трговска стока“, како и секоја друга. Не постои ниту најава дека тоа, само навидум лесно прашање (не станува збор само за „регистрација“) ќе се реши односно ќе биде еден од макар помалите приоритети на идните властодршци.

Што се однесува на менаџментот во културата, сигурен сум дека тоа е тотална непознаница дури и за „културните“ кандидати за идни пратеници.

Одамна од највисоките државни врвови е признаено дека е урнат еден систем на вредности („каков-таков“, се мисли на социјалистичко-комунистичко-самоуправниот), а наместо него во меѓувреме не е изграден нов (не ни изградија-создадоа, а јас велам поставија). И никому ништо.

Нов систем на вредности! Внимавајте, не велам стандард(и), на пример европски (прилагодување на нив). Благодарение токму на оние кои во континуитет постојано победуваат „за Македонија“, не поставивме, не создадовме и не созадаваме нов.

Затоа живееме во свет на баналности и ефемерности. Затоа живеачката ни е обезвреднета до ниво на „статистички просек“. Индивидуалноста изнемоштена, унижена од дилетанти, медиокритети, малограѓани, учени-недоучени, егоисти, кариеристи, простаци, еклектици, квази-бизнис олигарси, политиканти.

Да им даваме доверба, да гласаме за оние кои немаат поим што е тоа систем на вредности? Или знаат, ама се плашат да го постават, за и тие со нас да продолжат да го надградуваат? Зашто ќе паднат, просто ќе бидат прегазени уште со првите чекори? Никако!