-Ти веруваш во минливо време?
-Нема зошто да верувам или да не верувам. Несомнено е неговото постоење. Како нашево.
-Нашево е друго…Време во времето. Може и не мора да биде минливо. Тоа зависи само од нас.
-А ти веруваш?
-Прво одговори ми, па ќе ти одговорам.
-Добро. Прво, секое време е или не е минливо во однос на некого или нешто. Тоа еднакво се однесува и на нашето во него. На пример, во однос на задржување или одбрана на некоја состојба тоа може да стои, да трае, да не минува. Небитно е дали е така или нам ни се присторува. Но, кога се обидуваме, поточно се трудиме што поскоро, ако може веднаш да ја промениме, тогаш најпрвин се насочуваме на неговата минливост.
-Не те разбрав сосема, но в ред. Јас не мислам така. Јас мислам дека има многу времиња, и само наши и на сите, заеднички. Минливото е едно од нив. Суштествено е она што те прашав на почетокот: дали веруваш. Од човекот, од неговото знаење и умеење најмногу зависи дали него го прифаќа или не. Многу зависи и од неговата расположба наспроти животното секојдневје.
-Интересно. А да посочиш на други времиња освен минливото?
-Па, најпрвин спротивното, неретко и спротивставеното на него-неминливото, трајното, вечното; потоа личното, заедничкото; целосното, делумното…
-Запри! Ако те разбрав, според тебе неминливото, трајното, вечното е едно исто време?!
-Зошто прашуваш зачудено? Се разбира дека е. Го додавам и времето на постоење од искони. Да ти повторам: суштествено е верувањето.
-Добро, штом инсистираш ќе ти одговорам потврдно: да, верувам. Секогаш има такво. Кое најмногу зависи од човекот. Го прави такво поготово кога дејствува, прави, создава, твори. Спротивното на него, пак, ти го нарече неминливо, трајно, вечно, го поврза и со постоењето од искони, му е најблиско на паметењето или заборавањето…Не ми одговори дали ти веруваш во постоењето на минливо време.
-Се разбира, освен кога е збор за љубовта.
-Мислиш на нејзиното време? Според тебе, тоа не е минливо? А какво е? Трајно?
-Тоа е и не е минливо, е и не е трајно. Најмалку е вечно. Тоа е напросто време на љубовта и во сè единствено зависи од неа.
-Единствено зависи од нашата…И времето на љубовта е различно. Мислам на вистинската, непорочната љубов. Каква што е нашава, нели?
-Не знам…Да му оставиме на времето да ни докаже дека е или не е.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 14