Минатото време

Пред исчезнување

Кога е збор за минатото време, и свршеното и несвршеното, во промислувањата и расправите за него најпрвин, неретко единствено ми иде Мирча Елијаде. За чудо, според мене не, не како историчар на религијата, како толкувач на религиите, со неговата теорија во која стожерно е тврдењето дека митовите и ритуалите не оддаваат само почит на хиерофаниите, туку тие и учествуваат во нив. Не ни како писател на фантастични и автобиографски романи. Го избирам меѓу многу мои знајни и незнајни пријатели, собеседници, па и сопатници, најмногу поради теоријата за вечното враќање-имплицитното верување дека религиозното однесување не е само имитација, туку и учество во светите настани, а што го обновува митското време на исконот. Најмалку поради неговиот животопис, во многу интервали драматичен, неразбирлив, неприфатлив и со трагични моменти, како и неговите политички определби.

Кога е збор за минатото време, и свршеното и несвршеното, со Мирча Елијаде најмногу промислувам за неговото разликување на светото од световното; светото во облик на Господ, богови или митски предци, кое ја содржи целата „реалност“ или вредности, а другото, јас инсистирам на сè друго, ја стекнува „реалноста“ само ако учествува во светото. Во тој контекст, концептот на хиерофанија, хиерофаниите му даваат на светот структура и насока, воспоставува свет ред односно манифестирање на светото, а кој, пак, го вклучува и концептот на теофанија-манифестирање на бог. Хиерофанијата е „откривање на една апсолутна реалност, наспроти нереалноста на огромното околно пространство“.

Прочитај и за ... >>  Неколку збора

Одамна сме согласни дека во традиционалните општества митот претставува апсолутна вистина за исконското време-кога првпат се појавило светото кое ја воспоставува во светот структурата на митовите; сите митови се создадени, што значи митот е секогаш во настанување и доколку се прифати дека настанувањето е рамно на моќ, тогаш реалноста и вредноста на нешто лежат во неговото прво настанување; како што вели тој, „тоа е првата манифестација на нешто што е значајно и вредно“.

Се разбира, најмногу ја имам предвид неговата расправа за историјата на религиозните мисли-толкувања на религиозната историја.

Еден од разговорите со Мирча Елијаде за вечното враќање и минатото време:

Јас, Јас и Тој или Тој и Јас:

-Ја имам предвид важноста на создавање митови и ритуали со што се затврдува личниот живот на традиционалниот човек. Исто така, не ја спорам суштината на светото во мистичната доба, дека е таа само во нејзиното прво настанување, а потоа по секоја појава станува прва. Во тој контекст треба да се согласиме дека и свршеното и несвршеното минато биле и се во процес на настанување. Што, пак, ја овозможува корелацијата со сегашноста односно стварноста.

Елијаде:

-Јас се ограничувам на религиозното однесување. И тврдам дека е клучно имитирањето на делата на Бог, на митскиот херој или раскажувањето на авантурите на митските херои. Врската со минатото време на модерниот човек би можел да ја прифатам како меѓупростор на световното и светото време.

Прочитај и за ... >>  Диоген и Сонце

Јас, Јас и Тој или Тој и Јас:

-Да, тоа е твојот концепт за вечното враќање. Не го пренебрегнувам ни враќањето на почетокот на цикличниот тек на времето. Според мене, токму враќањето на времето, на свршеното и несвршеното минато го потврдува неговиот континуитет. Впрочем, и ти самиот сметаш дека желбата да се остане во митската доба, значи во вечното враќање, предизвикува „терор на историјата“.

Елијаде:

-Јас ја нагласувам желбата на традиционалниот човек да побегне од линеарниот тек на настаните. А токму напуштањето на митската мисла и прифаќањето на линеарното историско време е една од причините за вознемиреноста на модерниот човек. Па тој прибегнува кон признавање на историското време.

Јас, Јас и Тој или Тој и Јас:

-Знаеш што, драг мој пријателе дамна мртов, а со мене жив? Модерниот човек цел живот се труди да одржува рамносилност на своето минато и своето сегашно време. Меѓу другото, затоа што само така не се чувствува сам и осамен во живиот свет. Само така е докажана единка, индивидуа, личност во заедница со луѓе што му се блиски.

Му ветив на Мирча Елијаде дека уште еднаш внимателно ќе го прочитам неговиот автобиографски роман „Бенгалски ноќи“.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 50

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.