33. Сонувач
„Во последно време никако не отспивам бессона ноќ. Веќе се уморив од толку сонување и секакви соништа. Досега пиев некои апови, ама бидејќи не ми помагаат отсега престанувам. Не се надевам многу дека лекар може да ми помогне, па не му ни одам на мојот.
А сонувам секакви црно-бели соништа. Досега не сум сонил ниеден во боја. Сонувам со ближни живи, неодамна и одамна мртви, јас со нив, тие без мене; соништа весели и тажни, смешни и трагични; со лица, без лица, со знајни, со незнајни; со секидневности и со во мојата стварност невидени нешта; меѓусебно поврзани и спротивставени едни на други; со стари, незаборавни и неодамнешни минливи љубови; во кои ме бркаат сеништа што вреват, крекаат и се смеат грозоморно, а раскрилени птичишта ми летаат над глава.
Имам јас многу прочитано за соништата и сонувањето.Знам дека сонувањето е сложен психолошки процес што е проследен со одредена физиолошка слика, а се доживува со посебен облик на свест. Дека се тие појавен облик на несвесното. Човекот во текот на ноќта сонува четири-пет пати во двесет минути, колку што трае РЕМ-фазата. Кога почнуваме да сонуваме, во нас се лачи кортизол во големи количества. Тоа е хемикалија што е одговорна за консолидација на паметењето. Во текот на сонувањето мозокот ни отпушта глицин кој ги парализира мускулите и спречува да се доведеме себеси во некаква опасност. Сум прочитал и за луцидното сонување, дека е тоа состојба во која сме свесни оти сонуваме, светот околу нас е измислен, а не јавето. Луцидните соништа се уверливи, вистински, живи, често мошне возбудливи, интензивни и лагодни. За да се доживеат, треба да се вежбаат посебни техники чии основи се правилен ментален став-јака желба и мотивација за во сонот да се стане свесен и да се издвои делот од времето и концентрацијата, како и преиспитување на сопствениот систем на верување. Со техниките, пак, се сеќаваме дека сонуваме додека спиеме.
Ноќеска пак, по којзнае кој пат го сонував брат ми. Всушност, се сонував себеси со брат ми. Тој почина пред деветнаесет години, кога имаше нецели осум, од хронична леукемија. Не му беше откриена навреме, симптомите што почнаа да се јавуваат не ги поврзаа со неа. На пример, настинките му траеа долго, беше мошне блед и слаб, не јадеше. Често го болеше глава и имаше висока температура. Кога ја открија веќе беше предоцна да се стори што било.
Ја игравме нашата единствена игра што ја разбиравме само ние. Ја нарековме „миженка-некриенка“ и ја игравме секаде кај што ќе се најдевме; најчесто во дворот на нашето живеалиште-куќата крај пенливата река: се менувавме во мижење со броење до десет, а потоа тој што мижеше погодуваше каде може да се сокрил тој што не мижеше. Ја игравме со часови и никогаш не ни беше здодевно оти обајцата знаевме и измислувавме многу места за криење во близина или незнајно каде.
Пред да се разделиме во сонот, тој да исчезне зад хоризонтот, а јас да се разбудам, ми рече: „Бато, многу жалам оти во нашата последна игра обајцата не можевме да се сетиме на ниедно мново место каде што би можеле да се сокриеме“.
Многу се растажив. Оставив солзите да ми прават бразди на образите“.