32. Со предци и потомци
Николина Петрова со години на ред, веќе ни сама не знае колку, живее со спомени на блиски предци и потомоци во куќарка во напуштеното село Коравина, во подножјето на Корија. На нозе е, уште раскопува и насадува бавча, ги напасува и молзи козите Стојна, Милка и Невена, меси и пече леб.
Блиски предци на Николина Петрова ѝ татко ѝ Трајан, кој починал млад, кога имал триесет и четири години: неговите сестри близначки Иванка и Лилјана; Иванка била немажена и без рожба, починала од незнајна болештина кога штотуку наполнила четириесет и осум, а Лилјана се омажила за Благоја Настески кој ја оставил со ќерката Ѕвездана; таа ја погребала и потоа заминала без трага и глас некаде далеку; дедо ѝ Павле загинал на фронт како војник во туѓинска војска, а неговиот брат Симо бил војвода и за неговото јунаштво народот испеал песна; братучедот Крсте бил виден човек, занаетчија, чевлар, имал голем дуќан во чаршијата.
Николина Петрова не знае дали има некој жив од нејзините потомци. Сите што ги памети, од кои има фотографии, се раселени во за неа далечни земји и не ѝ се јавил никој со години наназад. Синот Дамјан е нејзина рожба со Славеј, добра душа и многу човечен, со кого проживеала спокојни и радосни осум години, а заедничката живеачка им се прекинала кратко откако се шлогирал; потоа тој морал да замине на печалба многу млад, на само четиринаесет години. По цели три ипол години јавувања и добивања писма од него еднаш, некогаш и двапати неделно, им се пресекла врската којзнае како и зошто. Неа многу ја боли тоа, никако не може да го преболи неговото замолчување, неговото исчезнување. Само кога би дознала што му се случило, дали е уште жив и здрав. Ќерката Сенка, многу лична и со стројна снага, нејзина рожба со Јордан, со кого имала бурна двегодишна заедничка живеачка, со многу нервози, неразбирања, несогласувања и кавги во немаштија, заминала со пријателка преку голема вода; не знае каде е, ѝ се случило ли нешто, дали си го суредила животот, дали создала семејство.
Седи Николна Петрова на дрвена клупа пред куќарката во напуштеното село Коравина, во подножјето на Корија, ги гледа неколкуте фотографии со нејзини предци и потомци и им зборува полугласно:
„Ништо од животов, предци мои и потомци. Ко да не сме биле, ко мигум да сме минале низ него. Ми дотежнуваат коскиве, ми дотежнуваат дниве, неделиве, годиниве. Ме остави Господ јас последна од родството овде да умрам, ама никако да ми дојде часот. Барем да сум од некоја полза…Сѐ ми е бесцелно и само се измачувам.
Што ќе биде со вас по мене? Во селово нема никој. Не знам како сама ќе легнам в гроб и ќе се покријам со земја. Белки ќе се најде некој намерник, на минување. Вас ќе ве развее ветер, ќе ве снема, ќе исчезнете во какви било времиња и невремиња.
Лични мои, огнот во нашето огниште сѐ уште тлее и ќе тлее до мојот последен издив. Тој и вие сте единствените што ми ја греете душата“.