51. Еден ветар
Што му може еден ветар, секогаш ист и во силата постојан, на Огнен Славјански кој одамна му го научил говорот? Може ли да го изненади барем мигновено? На пример, да задува од неочекувана страна на светот или да го промени правецот на дување додека расправаат за нешто неважно?
Му го научил говорот? Да, со време и, убеден е Огнен Славјански, совреме. Оти беше нужно за нивниот меѓусебен однос, за нивното секидневно дружење и спомагање. Обајцата сериозни, возрасни, во зрели години, со снаги. Дружењето им е секидневно, но не по цел ден, туку со почит на личните времиња и мирот и спокојот. Спомагањето, пак, им е најпрвин во чекорењето напред или во стоењето в место. Расправаат ли за нешто важно помеѓу неважни нешта? Секако. Најчесто за стварноста наспоредно, а неретко и наспроти суштествувањето.
Му го научил говорот? Да, со време и, убеден е ветрот, совреме. Се разбира, тоа воопшто не му беше лесно, особено кога требаше да се даде нагласка на разбирањето на стварноста во секое годишно доба, притоа строго разграничувајќи ги нужностите во нив. На пример, неговото тивко или силно дување во најголема мера, дури судбински да зависи од расположбата на Огнен, но и од посакуваните промени.
Што им се случува денеска на ветрот и Огнен Славјански? Ко да не е тој, еден, секогаш ист и во силата постојан, и ко да не е тој за дружење и спомагање!
Уште од изутрина се најдоа среде пустината обградена со трње, голи камења и самотни умирања. Не случајно, туку договорено вчера за да се договорат како заедно да излезат од неа, најбрзо што може да ја остават зад себе и одново да се најдат во благопријатна природна средина.
Се најдоа среде пустината, но никако да се ислушаат и да се разберат. Ко да не си ги разбираат говорите!
Ветрот:
-Огнене, отсега сум само северен и ќе дувам само кон запад. Ако сакаш да продолжиме заедно, ќе ми се придружиш. Ако, пак, не сакаш да си ист како јас, остани со здравје.
Огнен Славјански:
-Не те знам ваков, ветру, пријателе! Имаме уште многу важни нешта да расправиме за стварноста наспоредно и наспроти суштствувањето, а ти си се раздувал самоволно! Ко некоја незнајна туѓинска сила да ти ја обзела свеста со зломисла и злонамера!
Ветрот:
-Натоварен сум со студено, бесчувствително време, драг пријателе. И тоа за во секое годишно доба. Во кое не говорот, а немоста и молкот се единствени нужности за опстој на самосвеста.
Огнена Славјански го јаде јанѕа. Дека во пустелијава обградена со трње, голи камења и самотни умирања конечно ќе остане без својот ветар, без единствениот пријател.