40. Паталец
Случајно забележав на надгробната плоча на еден семеен гроб дека првиот во него, Страхил, бил погребан на денешен ден пред точно педесет години! По него се погребани неговата сопруга Петка, синот Јордан, снаата Мила, внукот Тасе и внуката Илина. И оти нема само негова фотографија.
Ја прашувам подгрбавената старица во црнина што дошла да запали свеќи и да положи на гробот букет црвени рози:
-Ваш е гробов? Од нивна рода сте?
-Ја сум ќерка на Илина. Почина пред две години. Сега сум сама, немам никого ближен, па по мене ќе нема никој да го одржува гробов. Со мене во него, се разбира.
Како се најдов јас пред овој семеен гроб? Не можам да си објаснам зошто, но во последно време не пропуштам макар еднаш во неделата да појдам на Градските гробишта, да запалам свеќа и положам една црвена роза на гробот на мојата друшка која почина лани, а потоа да се прошетам меѓу гробовите барајќи некои посебности на нив. Можеби оти веќе ја живеам осмата деценија и од ден на ден снагата ми премалува сѐ повеќе.
Ѝ велам по подолго молчење:
-На плочава стои дека Страхил Настовски починал на денешен ден точно пред педесет години, на свои шеесет и осум. Можеби не забележавте.
Таа:
-Нема што да забележувам, знам. Затоа и дојдов денеска. Ги живеев детството и младоста со него, со прабаба ми Петка, дедо ми Јордан, баба ми Мила, со мајка ми и татко ми Светомир кој фати усвет и нѐ заборави. Прадедо ми Страхил не можам да го заборавам. Голем човек.
Ја потпрашувам за да се докаже:
-Според што најмногу го паметите?
Таа:
-Според љубовта и добрината спрема рожбата. Често ги раскажуваше во детали своите преживеалици и животни маки. Бил голем паталец. Во предвоени години, во нив и по нив работел сѐ и сешто за семејството да не му гладува. Бил војник во туѓинска војска и воен заробеник, низа години јагленар, па ѕидар, работел на туѓи ниви, а никогаш не успеал да стекне свој имот. Куќата во која живеевме и во која тој умре беше наследство на Петка, како единица на нејзините родители.
Јас:
-Умрел пред точно педесет години.
Таа:
-Зошто сметате дека е тоа важно? За да го поврзете со моите живи спомени на него? Спомените на мртвите ближни никогаш не бледнеат.
Пред да се оддалечам:
-Зошто на плочава нема само негова фотографија?
Таа:
-Немам ниедна сочувана.