МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

25. Огнен и огнот

И во студен и во топол, па и во жежок ден, до доцна ноќе, во кое било годишно доба Огнен веќе дванаесет години со ред може да се види на крајот од Булеварот на младоста, пред продавницата за слатки „Мечок“. Седнат скрснозе на излитено црвено чергиче обрабено со жолти и црни реси, тој е или потонат во мисли или поздравува секого што минува пред него.

Најмногу од кажувањата и прекажувањата за Огнен се поврзани со огнот што тлее или е разгорен пред него во студно време. Најчесто е токму за минувањето пред него и тлеењето и разгорувањето. За некои е сѐ измислено, за некои сѐ вистинито и повторливо, а некои тврдат дека можат да посведочат оти биле непосредни учесници.

Имено, според тлеењето и разгореноста на огнот Огнен научил да ги проценува минувачите дали се расположени или не, дали се добронамерни или злонамерни, дали се за дружба со него или не и дали го гледаат како човек за почит или за сожалување. Па така, кога тој тлее како да е пред згаснување спрема минувачот е сосем рамнодушен, не го ни гледа, не го ни забележува; кога тлее како да е пред разгорување го поздравува или му отпоздравува срдечно; ако е разгорен како да снеможува и скоро ќе почне да тлее, тоа значи дека минувачот е добронамерен и расположен, никако и со ништо не би му наштетил; а ако се разгорува сѐ повеќе, како скоро да ќе го зафати минувачот, тој знае дека не е злонамерен, кога би можел би го загрозил или би му наштетил како било и со што било. Исто е и со греењето.

Една многу студна квечер крај штотуку запалениот оган пред Огнен застанале средовечен маж и детенце на пет-шест години, облечени скудно. Го прашале дали им дозволува да седнат до него, на излитеното црвено чергиче обрабено со жолти и црни реси оти им студи и веќе немаат сили да одат по својот пат. Огнен ги загледал, ги изнагледал, им се насмеал срдечно и им направил место лево и десно до него. Тие го замолиле да седнат спроти, па брзо-брзо извлекол од под себе уште едно излитено чергиче,  жолто и обрабено со црвени и црни реси, и им го спрострел.

Се кажува и прекажува дека оттогаш сите наредни многу студни квечери тројцата еднакво ги греел разгорен огнот на Огнен. А кога детето дошло само солзливо и без збор, седнало на чергичето и му раскажало како татко му ненадејно се разболел и заминал на оној свет, уште долго заедно ги гледале минувачите пред огнот и според тлеењето и разгореноста ги проценувале дали се расположени или не, дали се добронамерни или злонамерни, дали се за дружба со нив или не и дали ги гледаат како луѓе за почит или за сожалување.

Детето престанало да доаѓа кога се стоплило времето. Огнен и ден-денес не знае што се случило со него, што му се случило, каде е, дали сѐ уште оди по свој пат. Не го заборава.

Leave the first comment